Истрага во Бугарија за шпионажа во полза на Русија од контраразузнавачи

Сподели

 

Специјалното обвинителство на Бугарија почна истрага за двајца вработени во Државната агенција за национална сигурност – ДАНС (пандан на македонската АНБ) и на еден вработен во министерство што не е точно посочено, но се знае дека не станува збор за Министерството за внатрешни работи, јави бугарски „Медиапул“.

Станува збор за сомнежи за нивна вклученост во група што шпионирала во полза на Русија, соопшти денеска Специјалното обвинителство, ден по акцијата што ја изврши во ДАНС.

Акцијата вчера ја потврди и бугарскиот премиер Кирил Петков. Тој коментираше дека имало руски агенти што работеле против приближувањето со Северна Македонија и против европската иднина на Западен Балкан, но не кажа дали акцијата на обвинителството во ДАНС било во таа насока.

Како што пренесува „Медиапул“ досега нема уапсени, ниту подигнати обвиненија, а денеска Валентина Маџарова, првиот човек на обвинителството објасни дека истрагата сега не е поврзана со обидите за нанесување штета на процесот на приближување на Северна Македонија и Бугарија.

„Такви податоци и докази нема и не сакам да коментирам такви изјави“, рече таа.

Според Маџарова, може да се очекува да се поднесат обвиненија, но засега уште се собираат докази. Таа, инаку, рече дека Специјалното обвинителство не барало снимки од безбедносните камери на Владата. Вчера, пак, се разбра дека државното обвинителство ги побарало снимките од периодот 23 февруари – 23 март, а бугарскиот премиер Кирил Петков го нарече овој чин „безобразие“

Она што е засега извесно е дека видеозаписите се испратени, но не во Специјалното обвинителство, туку во Градското обвинителство на Софија./meta.mk