За 45% од Грците е разбирлива перспективата за сложено име со вклучен термин Македонија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од агенцијата „Прората“ за грчкиот Институт за алтернативни политики ЕНА, што ги објавува весникот „Етнос“.
На истото прашање, 23% од анкетираните рекле дека „перспективата за признавање на ПЈРМ со сложено име што ќе го содржи терминот Македонија им предизвикува бес за оние што прифаќаат такво нешто“, 14% одговориле дека се срамат што се Грци, 13% се рамнодушни, додека пак пет% одбиле да одговорат.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во истражувањето, на анкетираните им се поставува прашањето и за тоа кои се непријателските земји за Грција. Број еден непријател, за 87% од испитаниците е Турција, а 45% сметаат дека Македонија е непријателска кон јужниот сосед.
– За Македонија, 45% oдговориле да, 38% не
– За Албанија, 47% да, 37% не
– За Бугарија, 70% не, 10% да
– За Турција, 87% да, 7% не
Oд анкетираните 69% сметаат дека Македонија не претставува закана за територијалниот интегритет на Грција, наспроти 21% што одговариле позитивно.
Во однос на тоа дали интеграцијата на Македонија, Албанија и Турција во ЕУ ќе ги подобри односите со Грција, за Скопје и Тирана, Грците имаат позитивен став, додека пак за Анкара одговараат негативно.
– За Македонија, 57% одговориле да, 35% не
– За Албанија, 56% да, 37% не
– За Турција, 27% да, 64% не
На прашањето, кој е најважниот проблем во грчката надворешна политика, 46% рекле дека тоа е управувањето со турската позиција кон Грција, 34% справувањето со бегалскиот бран на грчките острови, а само 5% од анкетираните сметаат дека најважниот проблем е управувањето со прашањето со името.