Шеесет и три загинати и десетици исчезнати е последниот биланс од земјотресот со интензитет од 6,2 степени според Рихтеровата скала, што утринава ја погоди Италија, соопшти италијанската Агенција за цивилна заштита.
Италијанските медиуми наведуваат дека 35 лица загинале во Аматриче, 11 во Акумоли и неколкумина во провинцијата Асколи Пичено.
Спасувачките тимови сè уште трагаат по евентуално преживеани, а не се исклучува можноста бројот на жртвите да се зголеми.
Градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци, соопшти дека половина град целосно е разурнат и оти под урнатините сè уште има преживеани. Тој истакна дека спасувачките тимови се обидуваат да стасаат до 69 селца, во близина на градот.
Спасувачките тимови со булдожери, но и со голи раце копаат низ урнатините во потрага по преживеани, додека локалните власти предупредуваат дека смртниот биланс најверојатно ќе расте.
Полицијата во близина на градот Асколи соопшти дека од под урнатините се слушаат повици за помош, но поради недостиг на тешка машинерија не можат да ги помрднат ѕидовите, соопшти радио РАИ.
Во меѓувреме, и вторичен земјотрес, со јачина од 4,2 степени по Рихтеровата скала ги потресе претходно засегнатите региони. Епицентарот бил во реонот на Аркуата дел Тронто.