ИТАЛИЈА: Ренци повикува на референдумско “ДА”, за Италија да стане лидер во Европа

Сподели

renci

Италијанскиот премиер Матео Ренци ги повика вчера граѓаните на Италија да го поддржат клучниот референдум за уставни измени, порачувајќи дека Италија би можела да стане најсилна европска земја, доколку исходот од гласањето биде позитивен.

– Оваа недела би можела да ги промени животите на нашите деца. Не сме во прашање само ние, ниту една политичка партија, туку децата, рече Ренци, обраќајќи се пред големиот број собрани граѓани во неговата родна Фиренца, два дена пред референдумот, кој би можел од корен да ја смени неговата кариера.

Ренци упатувајќи синоќа последен апел до граѓаните пред референдумот нагласи дека победата на приврзаниците на неговиот предлог за реформи би им пружила на Италијанците можност да ги испишат страниците на историјата.

– Доколу победи „да“ Италија ќе стане лидер во Европа, рече премиерот, кој вети дека веднаш ќе стави вето на буџетот на ЕУ, со цел да ги принуди италијанските партнери повеќе да и помогнат на Италија во решавањето на проблемите со приливот на мигрантите.

Референдумот за уставни реформи во Италија може да доведе до пад на Владата на италијанскиот премиер Матео Ренци, оценува „Дојче веле“. Според германското радио, Ренци се надева дека во случај на позитивен резултат, државата конечно би станала постабилна.

Со уставните измени сегашниот систем на два рамноправни дома на Парламентот треба да се укине, а моќта на Сенатот би била ограничена. Пратениците повеќе не би можеле толку едноставно да ја уриваат владата и трајно да блокираат донесување закони. Со тоа, според експертите би се зацврстила позицијата на владата.

Италијанскиот Парламент има 951 пратеник и е трет по големина во светот.

Рамноправноста на двата дома доведува до тоа донесувањето на законите да се одолговлекува во недоглед.

– Дури и ако во некој закон сакате да ја промените само запирката, тоа мора да го прифати и вториот дом на Парламентот, објаснува за „Дојче веле“ политикологот од Универзитетот „Џон Кабот“ во Рим, Франко Павончело.

Површно гледано, изборот на референдум е едноставен, ако гласачот заокружи „да”, ја поддржува владејачката Демократска партија. Ако се одлучи за „не”, ја спречува Владата во зацврстувањето на нејзината моќ. Премиерот Ренци најави оставка, ако мнозинството се изјаснат против реформите.

– Тој ова прашање го претвори во политичко – тоа е многу незгодно, вели Павончело, додавајќи дека таборот на Ренци се надева оти неодлучните гласачи сепак ќе гласаат со „да”.

Според последното истражување на јавното мислење, мнозинството Италијанци не сакаат уставни промени.

Според анкетите, околу 40 проценти од Италијанците се „против“ уставните реформи, 37 се „за“, додека 23 отсто се уште не решиле како ќе гласаат на референдумот.