Иванов на 10. Меѓународен форум „Мир и Спорт“ во Монако

Сподели

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска ќе учествува на 10. Меѓународен форум „Мир и Спорт“, што се одржува во Принципатот Монако, под покровителство на принцот на Монако, Н.В. Алберт II.

Темата на годинешното јубилејно одржување на форумот „Мир и спорт“ е „Иновации во спортот во функција на општествена трансформација“.

На  форумот во Монако ќе бидат разгледани начините на кои општествените иновации употребени во спортот, можат да се искористат за справување со тековните општествени проблеми и идните предизвици. Целта е да се понудат напредни решенија кои ќе ја истакнат моќта на спортот во создавање на одржливо, инклузивно и мирно општество.

Ова е трето учество на претседателот Иванов на меѓународниот форум „Мир и спорт“. Во 2012 година во рамки на форумот одржан во Сочи, основачот и претседател на меѓународната организација  „Мир и спорт“,  г. Жоел Бузу, на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, му додели посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот.

На годинешниот јубилеен форум ќе учествуваат повеќе од 500 делегати од 110 држави од светот, меѓу кои, политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници на академската заедница, истакнати спортисти и добитници на Нобеловата награда за мир.

Во рамки на учеството на меѓународниот форум „Мир и спорт“ претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со принцот на Монако, Н.В. Алберт II.

Mеѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање конкретни иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот.