Изборите на 11. декември ќе бидат најскапите избори до сега – 7,5 милиони евра

Сподели

Изборите ќе ја чинат државата 7,5 милиони евра, што е до сега најголемиот буџет предвиден за избори. Сумата беше предвидена уште пред изборите кои беа закажани првин за 24-ти април, а подоцна за 5-ти јуни, но бидејќи не се одржаа, беше значително скратена со ребалансот, а тоа што го добија од ДИК велат дека е веќе потрошено. Тие вчера најавија дека ќе бараат од Министерството за финансии да им се исплати остатокот од парите пренесува Телма.

Izbori-1-1000x580

За споредба, за претседателските избори во 2014, кои се спроведуваат според мнозински систем и во два круга, беа предвидени околу 4,5 милиони евра.

Од Државната изборна комисија велат дека парите најмногу се трошат на материјалите, печатењето на ливчињата, обрасците и упатствата, како и за транспорт, печати, перничиња, паравани, хонорари и превоз на членовите на избирачките одбори.

Грубите проценки покажуваат дека во последната деценија се потрошени барем десет милиони евра од државниот буџет за предвремени парламентарни избори, не сметајќи го претстојното гласање. Македонија урива рекорди и според зачестеноста на вонредни избори за пратеници, откако во 2008 година тогашниот парламентарен состав, првпат гласаше за самораспуштање, како реакција на грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт. Три години подоцна, во 2011 година, се одржаа нови вонредни избори, како одговор на политичката криза поради неколкумесечниот опозициски бојкот, а и во 2014 година, парламентарното мнозинство реши редовните претседателски избори да се комбинираат со предвремени парламентарни.

На веб страницата на ДИК, од денеска почнува и пријавувањето за гласање на македонските државјани што живеат во странство. За ова е подготвена посебна апликација, а пријавувањето ќе трае до 11 ноември. Тогаш завршува и увидот во избирачкиот список, што треба да почне на 28 октомври. Право да се пријават за гласање ќе имаат и спорните 30 илјади гласачи кои не се пријавија при последното прочистување на избирачкиот список. Претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, упати покани и до меѓународните набљудувачи и организации, да ги набљудуваат изборите.