Излезе „Службен весник“ со одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието

Сподели

Излезе новиот број на „Службен весник на Република Македонија“ во кој е објавена одлуката за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.

На веб-страницата на „Службен весник“ се објавени содржините од најновиот број, во кој е и одлуката. Како што пренесоа дел од медиумите, изданието било отпечатено синоќа, во печатницата на „Графички центар“.

Одлуката од страна на новоизбраниот претседател на официјалното гласило на Република Македонија беше испратено во четвртокот минатата недела, а оттаму веднаш соопштија дека ќе биде објавена во следното издание, на почетокот на оваа седмица. Објавувањето, според јавноста, неоправдано се пролонгира, оти во други случаи досега, кога станувало збор за многу важни одлуки, се издавале вонредни броеви.

Со објавување на одлуката, изборот станува официјален и почнува да тече рокот во кој Џафери треба да го извести претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, дека е формирано парламентарно мнозинство што ќе формира влада, по што во рок од најмногу 10 дена, претседателот треба да го додели мандатот на Зоран Заев.

Од СДСМ, во своето редовно утринско соопштение, порачаа дека повеќе не постојат никакви пречки за претседателот Иванов веднаш да го додели мандатот за составување нова влада.

meta.mk