Изложба: “АВТОРЕФЛЕКСИЈА НИЗ ИГРА” на Дарко Аницин

Сподели

 

Во четврток, во 12. часот, Дом на млади – Штип, Изложба „Авторефлексија низ игра“ на Дарко Аницин, “Играме додека создаваме”

 

Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште “Лазар Личеноски”, потоа на факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” Скопје.

Својата креативност ја изразува најчесто, над 15 години, преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност. Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес.

 

 

Тој има современ, специфичен стил на творење, со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз.

Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје.

 

 

“Ова ликовно истражување е насочено кон претставување на нелингвистичката природа на емотивните интеракции и објаснување на нивната функционалност во емотивните светови на авторот, преку ликовната игра како главен инструмент. Дали создавањето е авторефлексија, дали е и игра која сме ја научиле за да продолжиме да авторефлексираме и и да си играме и како возрасни? Дали вака, низ авторефлексивно создавање, зрело играме и се пресоздаваме? Материјализацијата на моите дела, создадени и поттиканти од авторефлексивните доживувања, низ игра на создавање, ги отсликуваат моите, авторски но и личносни трансформативни процеси.”

Дарко Аницин

 

 

Проектот е поддржан од министерството за култура на Р.С.Македонија, под Нов културен бран 2019.