Изложба LANDSCAPES, Ангелина Поповска, НУ Музеј Куманово – 14. септември
Ангелина Поповска, родена 1967, во Ѓеорги Ѓеоргиу-Деж, Романија.
1986-1991 – Завршува Факултет за ликовни у метности во Скопје во класата на проф. Симон Шемов.
2005 – Магистрира на Факултетот за применети уметности во Белград, Србија на отсекот за конзервација и реставрација на икони и штафелaјни слики под менторство на проф. Гордана Кусовац и проф. Светислав Николиќ.
2012 – Докторира на Институтот за национална историја во Скопје ментор др. Димитар Ќорнаков и проф. Драган Булатовиќ.
Од 1993 година редовно работи во НуНационален конзерваторски центар-Скопје во лабораторијата за конзервација на икони.
Aнгелина Поповска остварува повеќе групни и самостојни изложби во земјата и странство и повеќе први награди.
Изложбата Landscapes е содржина на 20-тина дела изработени на плексиглас и комбинирана техника со извонредна технолошка вештина во комбинирањето на врзивата и боите во еден современ сплет, апликации и провидност, кој е одраз на оваа сликарка. Стаклото и плексигласот се основа на нејзините слики, а ги користи уште од своите студентски денови кога се претставува со целина на објекти за својата дипломска работа, за понатаму во нејзината самостојна изложба “Планови”, во Софија (2008), продолжи да го истражува овој материјал.
Во нејзините слики голема улога игра илуминацијата, одблесоците и сенките како дел од транспарентните композиции. Самото создавање добива впечаток на алхемичарска лабораторија во која истражувањата со материјалите се дел од процесот на творење. Сепак, кај овој автор ништо не е случајно, туку однапред добро анализирано и истражено, што говори за нова технологија, односно нови уметнички предизвици сега веќе мошне актуелни и атрактивни и во европски рамки…
Автор на текстот во каталогот е на Драгана Спасковска, историчар на уметност, а техничкиот дизајн е на студентите од СЕМОС.
Изложбата е подржана од Министерство за култура на РМ.