Изложба на Мартина Спасовска “Гласна тишина” во МКЦ

Сподели

 

Прва самостојна изложба на уметницата Мартина Спасовска со наслов “Гласна тишина”, во МКЦ, 5  декември 
 
Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик, не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина.”
 
“Избегнувајќи идеализирање на портретните претстави делата на Мартина Спасовска се ослободени од своите физички граници и изведени со силна експресија и говорат пред сѐ за состојбата во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го портретот и повторно градејќи го низ одредени експресионистички потези постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање. Во таа експресивна хармонија платното престанува да биде дводимензионална површина врз која се редат деликатни нијанси и сложени акорди на тонови, туку станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот. “ – Горанчо Ѓорѓиевски – историчар на уметност.
 
Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е визуелена уметница со седиште во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет.
Изложбата трае до 14ти декември.