Изложба на скулптури од Слободан Милошески

Сподели

Во изложбениот салон на Музејот на град Неготино утре (23 мај) од 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од Слободан Милошески. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела со галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Изложбата ќе биде достапна за публиката до 1 јуни.

– „Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација“ – вели историчарот на уметност, проф. д-р Џемил Бектовиќ, во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Милошески досега има реализирано 30 самостојни изложби, а учествувал на над  90 групни изложби во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 2009 година, а во моментов работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.