Изложба на цртежи од Тони Васиќ „Омеѓени приказ(н)и“, во КИЦ Салон Империјал 1, 19 септември, 20 часот
Ликовниот декамерон на Тони Васиќ: кревки облици, моќни приказни
Катица Ќулавкова
Изложбата „Врамени приказ(н)и“ на проф. д-р Тони Васиќ е составена од 17 цртежи (70 х 100 см), избор од серијата од дваесетина цртежи инспирирани од мотивот глуварче. Цртежите се работени на бела хартија, со туш и перце, во време на Ковид-19 карантин и изолација (од 13 март 2020 до 13 септември 2021).
Првата асоцијација за изолацијата е осамата, тишината, медитацијата, аскетизмот. Таа е ослободување од вишокот комуникација со другите и од информацискиот стрес. Таа е пат кон себе. Таа е свртување на фокусот од феномените кон суштината: од агресивниот колорит кон белината, онаа девствена белина кое не ужаснува, туку копнее по допирот со дискретните нијанси на отсјајот на Сонцето, оној флеш на окото и на објективот, оној проблесок на имагинацијата, онаа состојба на хармонија.
„Сѐ бело на цртежите е белината на хартијата“, ми рече авторот Тони Васиќ. Си помислив, едноставно, минималистички, ама после ги разгледав цртежите и видов дека токму белината што би ја замислиле како празно место, остаток или маргина околу средишниот мотив на цртежот, всушност го претставува средишниот мотив – глуварчето. Сите глуварчиња се нацртани, насликани, „направени“ од белината на хартијата. Тие се истовремено и умешност на инверзијата, и пофалба на имагинацијата, и ода на радоста. Белото глуварче ја чува својата белина како знак на препознатливост. Белото е позајмено од хартијата, формата е дело на врвен мајстор, нијансите се показ на еден суптилен менталитет, цртежот како целина е приказна која е шепотена тивко, но страстно. Белото е како заштитена ликовна зона на цртежот. Белото е центарот на цртежот, неговиот внатрешен свет, неговиот ликовен ерос.
А ерос има во цртежите на Васиќ. Ако еросот е врховен копнеж по телесноста, тогаш тоа е изворниот копнеж на глуварката, да биде телесна, да биде во просторот и времето макар кратко, кревко, менливо, минливо, ама да биде. И додека постои, глуварката е шармантна до болка, но и податлива за игра, егзотична игра на облиците. Глуварката е самата кореограф на својот танц, како што и Цртачот на глуварките е специјален кореограф.
Кореографијата на цртежите на Тони Васиќ ја покажува неговата висока стручност како сликар, графичар, дизајнер. Неговата рака е неговото око, неговото око и гледа и чувствува, и се сеќава и комбинира, сето тоа за, на крај, да ја раскаже и да ја врами моќната ликовна приказна на белите, кршливи билки кои постојат на границата меѓу физичкото и метафизичкото, меѓу природата и душата. Поле глуварки е поле на визуелната имагинација. Речиси нема потреба да се измислува нешто повеќе од она што се тие самите.
Па сепак, имагинацијата оди од другата страна на природата и нејзините репрезентации. Белото не е само сакрално, не е ни само млечно, ниту е само празно, ниту е како белката на окото и на јајцето, белото е „табу на девственоста“, нарцизам свесен за себе, па затоа сам себе се совладува. Свеста е перцето на цртачот, со неа тој го извлекува најдоброто од најопасното, каков што е нарцизмот. Свеста е режисерот на целиот креативен процес, од неговата замисла, до неговата кореографија, преку неговата изведба или перформанс, до неговата рецепција, неговиот втор или трет живот, неговото умножување во сферата на естетиката.
Секогаш белите приказни на глуварките се врамени со црното писмо на тушот секогаш на различен начин. Истото се диференцира на многу начини затоа што се огледува во сите бои и облици на природата. Оти глуварчето можете да го гледате и низ призма на небото, и низ призма на земјата, под разни агли и во разни положби. Неговиот допир е неговиот нарцизам, неговото забрането огледување во изворот. Но глуварчето не би било глуварче ако не биде допрено од пеперутката, од ветерот, од детските усни, од габарите, од фотографите, од сликарите. Едно уууууух, и белата стварност ќе се претвори во фикција, уште поубава, уште позабавна, уште поентропична, уште поподатлива за ликовна перцепција.
Тони Васиќ ги врамува на свој уникатен и својствен начин своите „рески и црти“ во ликовни нарации со висок стил. Колку е поминуциозна формата на имагинарните рески на глуварчињата, колку е понеобична кружната егзистенција на глуварчињата, колку се поумерени контрастите, колку се поинвентивни наративните поенти (геометриски, колоритни, технички), колку се поризични комбинациите од типот „слика-во-слика“, толку е попривлечен естетскиот амбиент на цртежите, толку е посилна фасцинацијата. Оти не може да не бидеме фасцинирани од „простата и сложена“ форма на глуварчето, преобразена во ликовни дела изведени до совршенство, а такви се цртежите од серијалот на Тони Васиќ.
Изложбата ќе биде отворена до 03.10.2023 година.
ТОНИ ВАСИЌ
Роден 1966, Скопје.
1991 – Дипломирал на Факултет за ликовни уметнотсти – Скопје, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје
2002 – Магистрирал графика на Факултет за ликовни уметнотсти – Скопје, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје
2016 – Докторат на Институтот за културолошки студии, Универзитет Евро-Балкан, Скопје
2002 – Магистрирал графика на Факултет за ликовни уметнотсти – Скопје, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје
2016 – Докторат на Институтот за културолошки студии, Универзитет Евро-Балкан, Скопје
Во периодот од 1988 до 2023 учествувал на повеќе од 500 национални и меѓународни групни изложби во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Унгарија, Јапонија, Кореа, БиХ, Франција, Германија, Белгија, Полска, Романија, Хландија, Литванија и др. Добитник на 13 награди за уметност и дизајн. Работи како професор на Факултетот за архитектура и дизајн на Уноверзитетот Американ колеџ Скопје. Член на ДЛУМ од 1991 година.
Самостојни изложби:
2023 – Скопје, Македонија, Културно информативен центар – Изложба на цртежи „Врамени приказ(н)и“
– Сараево, БиХ, Галерија Препород – Изложба на цртежи „Мигновенија“
2021 – Париз, Франција, Изложбен салон на Амбасадата на Репубика македонија – Изложба на цртежи – „HISTOIRES (DÉS)ENCADRÉES”
2014 – Штип, Македонија, Галерија на Центарот за култура – Изложба на цртежи „Архетипски слики 2“;
2012 – Скопје, Македонија, НГМ Мала Станица – Изложба на цртежи и скулптури „Архи-Архетипски слики“;
2010 – Битола, Македонија, Музеј и галерија; Изложба на цртежи и објекти и скулптури „Домот на птиците“;
2005 – Софија, Бугарија – Галерија Круг – Изложба на графики;
– Ниш, Србија, Културен центар – Изложба на графики;
– Лесковац, Србија, Галерија – Народен музеј – Изложба на графики;
2004 – Битола, Македонија, Museum and Gallery – Изложба на графики;
– Прилеп, Македонија, Галерија на Центарот за култура – Изложба на графики;
2002 – Скопје, Македонија, Културно информативен центар – Изложба на графики;
1990 – Сараево, БиХ, Галерија Австриска куќа – Изложба на цртежи
1988 – Скопје, Македонија, МКЦ – Изложба на цртежи и графика