Изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“ во Куманово

Сподели

Утре во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе биде отворена изложбата „Жените и фотографијата“ во организација на Фото клуб „Куманово“.

Со повеќе од 250 пријавени фотографии, стручниот селектор направи избор на 80 најдобри дела кои го претставуваат богатството на женската фотографска визија.

„Фотографијата отсекогаш била медиум преку кој жените ги раскажуваат своите приказни, го изразуваат својот глас и ја споделуваат својата перспектива за светот. Од првите денови на оваа уметност, па сѐ до денес, жените фотографи успеваат да внесат длабочина, емотивност и уникатност во своите дела, надминувајќи ги бариерите и градејќи своја историја. Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени.

„Жените и фотографијата“ не е само изложба – тоа е симбол на борбата за рамноправност, за еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност“, велат организаторите од Фото клуб „Куманово“.

Изложбата ќе биде поставена во наредните 14 дена.