ИЗЛОЖБА: СВ. Меркуриј воинот и неговиот триумф низ вековите

Сподели

 

Автор на изложбата: Јехона СПАХИУ ЈАНЧЕВСКА Фотографии: Владо КИПРИЈАНОВСКИ
Соработник: Татјана ТРАЈКОВИЌ
Промотор: Проф. д-р Елизабета ДИМИТРОВА
Изложбата ќе биде отворена на 26 октомври, 2021 година, во 13.00 часот во НУ Музеј на Р. С. Македонија.
 
На изложбата „Свети Меркуриј воинот и неговиот триумф низ вековите“ ќе бидат претставени триесет и две илустрации со приказ на светителот од различни цркви, манастири и икони од Р. С. Македонија, настанати во период од XII до XIX век. Во нив се следи развојниот пат на неговите претстави, особено во промените на изгледот, ставот, одеждата и атрибутите, како и влијанијата што ги условиле овие промени. Од особено значење е што типолошките и формалните особености, како и новините во претставувањето на светиот воин, честопати најрано се забележуваат токму во одредени храмови во нашата земја.
Светиот воин Меркуриј е еден од најпознатите припадници на небесната војска, кој со својот висок ранг спаѓа во редот на главните и почитувани светители. Податоците и секвенците од неговите бројни житија се ликовно преточени во претстави кои го прикажуваат светителот во стоечка положба или на коњ. Во однос на физиономијата св. Меркуриј нема сосема дефинирани и постојани особености, а неговата претстава минува низ неколку промени кои ги следиме од X до XII век, па преку поразличните прикази во следните векови, особено во примерите од Р. С. Македонија. Оттука, за негова најрано зачувана претстава ја сметаме таа од црквата Св. Пантелејмон во Нерези (по 1164), каде што е прикажан како маченик. Кон крајот на XIII и почетокот на XIV век претставата на св. Меркуриј добива поинакви типолошки и формални особености за што најречовито сведочат примерите од Св. Богородица Перивлепта во Охрид (1295) и од Старо Нагоричане (1317/18), во кои доминираат шлемот на главата и мечот во раката. Следните промени во прикажувањето на светителот настануваат кога тој напуштајќи ја фронталната положба се свртува во тричетвртински став, а истовремено мечот се заменува со новите атрибути – лакот и стрелата. Овие промени ќе се забележат во неговата претстава од наосот на Лесновскиот манастир (ок. 1346), а ќе бидат воспоставени во манастирот Конче (1366-1371). Ваквото „специфично претставување“ на св. Меркуриј се должи на османо-персиските влијанија, односно на влијанијата од т.н. војнички образец присутен во персиските минијатури. Новите одлики, всушност, ќе бидат доминантен поствизантиски модел на негово претставување, особено во монументалното сликарството на подрачјето на Р.С. Македонија. Најраните поствизантиски претстави ги нотираме во делата на т.н. охридска сликарска школа од средината на XV век, a во текот на XVI век речиси да нема храм каде што не е прикажан. Во ризницата од бројни примери низ целиот XVII век и сѐ до XIX век најчесто го следиме истиот тренд и став на прикажување.
 
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, како дел од Годишната програма за финансирање проекти од Национален интерес во областа на заштитата на недвижното културно наследство за 2021 година.
Настанот ќе се одржи со почитување на сите препораки за заштита од Ковид-19.