Владата на вчерашната седница донесе Oдлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.
Согласно одлуката се утврдува цена во висина: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони.
Министерството за економија, како предлагач на Одлуката, соопшти дека врз основа на спроведените консултации со најголемите увозници на овошје и на зеленчук во Република Северна Македонија, како и имајки ги во предвид најновите податоци од Царинската управа, е утврдено дека увозната цена на одредени видови овошје и зеленчук е зголемена, поради претстојните празници.
Ова, како што стои во образложението на Министерството, е причината, поради којашто се предлага измена на Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, којашто стапи на сила на 3 април 2023 година, а со што цените на дел од производите опфатени во оваа Одлука се зголемуваат сразмерно на зголемувањето на увозната цена за нив. Зголемување на цената има кај свежите домати, свежите краставици, кромидот, свежите зелени пиперки, гравот, бананите, портокалите, мандарините и лимоните, додека за карфиолот се укинува ограничувањето на највисоката цена, а кај леќата цената останува непроменета.
Ваквото ограничување на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало, останува да важи до 30 април 2023 година.