Јанакиески очекува СЈО да му поднесе обвинение и да оди на суд

Сподели

Специјалното јавно обвинителство продолжува да работи како експозитура на СДСМ и да води политичка хајка против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, рече поранешниот министер за транспорт и врски и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески по излегувањето од просториите на СЈО, каде се задржа помалку од половина час.

„Денеска бев осомничен затоа што сум ставил параф на некој договор,“ рече Јанакиески.

Тој го повика СЈО да почне да работи предмети против СДСМ за да докаже дека не е нивна партиска експозитура.

„Нивниот рок е при крај и тие одлучија да се занимаваат со функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Ние ќе ја докажеме нашата невиност во судска постапка. Велам судска постапка, затоа што очекувам да поднесат обвинение,“ рече Јанакиески.

Тој не кажа зошто толку кратко се задржа во СЈО, но најверојатно како генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен технички премиер Емил Димитриев и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и тој побарал да добие увид во доказите и потоа да даде исказ пред обвинителите на СЈО.

meta.mk