Со оглед на тоа што надвор од досегашната вообичаена пракса, Министерството за правда одлучи, без да ги достави до обвинителството, јавно да ги објави своите поединечни забелешки за Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година, иако овој извештај врз основа на член 55 став 2 од Законот за јавното обвинителство се доставува до Владата само за запознавање, Јавното обвинителство на РС Македонија има обврска исто така јавно да појасни дека:
1) Не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица, што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа. Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1.087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение. Министерството за правда во делот на траењето на истражните постапки го цитира Извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права за 2021 година во кој навистина се нотираше долготрајност на истражните постапки, поради што и Јавниот обвинител на РСМ веднаш по неговата објава организираше средби со сите јавни обвинители и со меѓународни претставници за анализа на причините за констатираните состојби. Врз основа на утврденото и дадените образложенија, американскиот Стејт департмент објави извештај и за 2022 година во кој оценките се поинаку формулирани во овој дел, односно се наведува дека роковите за водење на истраги предвидени во ЗКП се инструктивни, а не задолжителни и дека во пракса се случува понекогаш тие да се надминат за што како причини се наведуваат недоволни ресурси и сложеност на соодветните предмети. И покрај ова, во коментар за Годишен извештај за работата на обвинителствата за 2022 година Министерството за правда наведува Извештај на Стејт департментот за 2021 година, иако веќе е објавен извештајот за 2022, а се подготвува и извештајот за 2023 година во чие сумирање на податоците активно учествува и Јавното обвинителство. Својата загриженост за ефикасноста на постапките, министерот за правда би било добро да ја демонстрира со соодветни квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки.
2) Во однос на цитираните делови од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, точно е дека во него се наведува дека зајакнувањето на капацитетите на истражните центри и на јавните обвинителства воопшто се клучни за ефикасност на истрагите, но во ниту една реченица од Извештајот не се критикува Јавното обвинителство на РСМ за таквите состојби. Напротив, Европскиот извештај многу прецизно бара на Јавното обвинителство да му се овозможат сите материјални и кадровски услови за работа и непречено вршење на функцијата. Ова е нешто што и Јавниот обвинител на РС Македонија го нагласува во сите јавни настапи, а го бара и во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година. Во забелешките од Министерството за правда нема коментар за тоа дали и како ќе се залага за обезбедување на тие услови за работа на обвинителствата.
3) Во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година нема посебен извештај за користење на опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази, бидејќи ваквото снимање согласно член 207 од ЗКП претставува само можност во одредени законски предвидени ситуации, но не и задолжителна обврска. Ваква опрема е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но нејзиното користење е ограничено, бидејќи за тоа нема ниту кадровски ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари. Од тие причини, тонско и аудио визуелно снимање се користи исклучително во специфични случаи или случаи каде жртви или сведоци се деца, со цел да се избегне двојна виктимизација и исказот да се користи во судска постапка. Впрочем, законитоста на доказите и почитувањето на човековите права при нивното обезбедување го цени судот. Јавното обвинителство до овој момент не добило никаква забелешка од релевантни судски органи или меѓународни институции во поглед на употребата на овој систем.
4) Конечно, Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства не содржи и не може да содржи податоци за дисциплинските постапки против јавни обвинители. Дисциплинската постапка ја води дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не може и не смее да биде дел од извештај за работа на јавните обвинителства. На донесените одлуки и мерки од Дисциплинската комисија јавните обвинители имаат право на второстепена постапка пред Советот на јавните обвинители, кој е посебен орган и чии одлуки исто така не можат да бидат опфатени со предметниот извештај. Доколку Министерството за правда има потреба да добие извештај за работата на Дисциплинската комисија, податоците за донесени одлуки се јавни и доставени до повеќе медиуми и надлежни органи кои покажале интерес за ова прашање. Имено, од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители. Во пет од овие случаи Дисциплинската комисија донела Решение за утврдена дисциплинска повреда и ја изрекла најтешката дисциплинска мерка – предлог за разрешување од функцијата. На пет обвинители им е изречена соодветна парична казна, а само за еден обвинител Комисијата донесе одлука дека не сторил дисциплинска повреда. Дисциплинската комисија на Јавното обвинителство е пред донесување одлука во постапката за уште еден јавен обвинител. Во еден случај, иницирана е и кривична постапка и поднесено обвинение против поранешен јавен обвинител од основно јавно обвинителство за продолжено кривично дело – Несовесно работење во службата. Пред Советот на јавните обвинители, пак, во тек е жалбената постапка на уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник (за настаните од 27 април).
За сите забелешки кон извештајот за работа на јавните обвинителства, објавен и доставен до сите надлежни институции, Јавниот обвинител на РС Македонија е подготвен да одговори согласно законски предвидените процедури, соопштуваат од ОЈО.