Министерот за одбрана Зоран Јолески побегна и не даде одговор дали ќе седне на преговарачка маса со Синдикатот на одбраната за да најдат заедничко решение за најавениот штрајк. Помошниците на Јолески рекоа дека министерот нема што да каже околу штрајкот. Тој, како што рекоа, бил во Воената академија за да ги промовира новите питомци, пренесува Алсат-М.
Претседателот на синдикатот на одбраната Ристо Ајтов, вели дека Јолески за да побегне од медиумите, но и од проблемите, не отишол ниту на свечениот коктел на кои присуствуваа поголем број на генерали и старешини. Ајтов рече дека нема да подглегнат на притисоците.
„Отстапувања од ова нема. Штрајкот ќе се оддржи, без разлика на сите притисоци кои почнаа уште и пред да го најавиме штрајкот. Пораки имавме од разно разни емисари, добронамерни пријатели, и продолжуваат понатаму. Јас и синдикатот нема да отстапиме и ние ќе го организираме и спроведеме до крај“, рече Ајтов.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА:
„Нема никаквов застој на исплата на обврските кон персоналот. Исплатени се закупнините, надоместокот за превоз, за трупна служба и за одвоен живот. Со претставниците на синдикатите неколку пати разговаравме и за барањето на покачување на плати и истото е во фаза на разгледување“ – стои во реакцијата на Министерството за одбрана.
Синдикатот штрајкот го најави уште во петокот, а кога ќе се реализира, дополнително ќе се соопшти.