Поимот „одговорна сопственост“ може попрецизно да се дефинира како права и обврски на сопственикот на кучето. Така е многу појасно, бидејќи луѓето многу често своите обврски кон кучето ги подразбираат само со одговорна сопственост, а своите обврски кон околината ги занемаруваат или забораваат додека се на јавни површини.
Секој што вдомува или на друг начин стекнува куче, презема обврски кон него, да го исчисти од паразити, да го вакцинира, а во текот на заедничкиот живот сопственикот е должен да се грижи за здравјето на своето куче и да му пружи ветеринарна помош по потреба. На кучето му треба пристојна храна, удобно и безбедно засолниште. А ништо помала потреба на кучето е и редовна социјализација и прошетка.
Но, не завршува тука. Кога ќе излезете на прошетка со вашето куче, вие не сте само должни да го соберете изметот на вашето куче, туку на себе имате и друга многу важна одговорност, поврзана со однесувањето на вашето куче. Секогаш треба да имате на ум дека безбедноста е ваше право, но и право на другите. Ничие куче не смее да биде опасност за другите кучиња и животни, а секако не опасност по децата и луѓето. Не постои лошо куче, постои само неодговорен сопственик. Должност на сопственикот е правилно да го воспита своето куче. Мали деца на пример, не смеат да шетаат и бидат самостојно одговорни за куче со непредвидлив карактер и силни физички предиспозиции. Во спротивно реакциите на животното може да бидат непредвидливи и опасни, па затоа е важно да ја знаете природата на вашиот миленик, секогаш да обезбедите доволно растојание со другите луѓе и животни, да го водите строго контролирано, на поводник и по потреба маска.
Од друга страна, некои кучиња се плашливи, од различни причини. Индивидуалните потреби на животните и колективните потреби на останатите луѓе и животни се дел од бонтон кој мора да го запазат и практикуваат сопствениците на кучиња.
И уште една важна работа. Има луѓе кои се плашат од кучиња. И тоа мора беспоговорно да се почитува; особено затоа што ниту еден страв или фобија не може да се надмине со сила, неприфаќање и неразбирање. Преку почитување на потребите на другите градиме општество на доверба и адекватен соживот меѓу луѓето и животните.
ЈП ЛАЈКА