Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска порача дека иднината на Европската Унија не е загрозена по одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата и апелираше до Лондон што е можно побргу да ја почне процедурата за излегување, јавуваат светските агенции.
Јункер во својот годишен говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Стразбур, истакнал дека ЕУ ја почитува и истовремено жали поради одлуката на Велика Британија, но дека Унијата не е доведена во прашање.
Тој нагласил дека посакува излегувањето на Велика Британија да се случи што е можно поскоро за да можат да се преземат неопходните чекори во врска со идните односи меѓу ЕУ и Лондон, кои, како што навел, мора да останат на пријателска основа, но со нов облик.
Претседателот на ЕК посочил дека и понатаму останува на ставот од лани, дека „нема доволно Европа и нема доволно Унија“.
Според него, сè повеќе се случува предност да им се дава на националните интереси, укажувајќи дека популизмот не ги решава, туку, напротив, создава проблеми. Тој, на крајот на својот говор ја повикал секоја земја-членка на ЕУ да преземе повеќе одговорност.
Јункер, како што пренесува „Би-би-си“, во говорот ја нагласил и потребата од воен штаб кој треба да работи на создавање на заедничка европска воена сила, бидејќи, како што додал, недостигот од „постојана структура“ резултира со трошење пари за мисии.