Каде е, по ѓаволите, Никола Груевски?! – Сашо ОРДАНОВСКИ

Сподели

Нешто ме чеша во прстиве, не можам да се воздржам од тоа да ви ја соопштам оваа ризична, иако опортуна теза: Никола Груевски си замина од веројатноста дека наскоро ќе го видиме во Шутка.

Да, де, човекот побегна.

Можеби, иако не, ама еве ако да, додека го читате овој текст тој веќе се појавил од зад некој агол во Шутка и скришно си се пријавил за издржување на досудената казна. Тогаш, застанете тука, не е ни важно што пишува подолу. (Иако знам дека и вас ве чеша…)

Една теорија вели дека веќе е на пат за Белизе, со нивен пасош в џебот: пасошот е светло син, со голем златен накитен грб на него, а бидејќи Белизе е членка на карипската заедница, без виза можете да патувате во Мексико, Хондурас, Гватемала, Велика Британија, Салвадор, Коста Рика… Убавини! За да добиете таков пасош, ви требаат две препораки од Белизенчани (така ли се викаат?), а меѓу оние (постои овластена листа!) кои можат да ви издадат таква препорака се и лиценцирани учители, адвокати, лекари, религиски водачи… Најубаво од сè: доколку ве фатат дека сте лажеле во апликацијата, казната е 500 факинг долари, или година дена тамошен затвор со поглед на море – наспроти погледот на џамијата на Амди Бајрам, овде!

Според оваа теорија, до Белизе е стигнат скриен во транспорт со специјално прилагоден камион, преку Србија и Унгарија (после Табановце белки и со полициска придружба), а потоа… Потоа, по него нема потерница од Македонија, светот ти е в џеб, особено откако ќе посетиш некои банки во Будимпешта! (Колку за по пат, другото секако те чека таму.)

Втората ел-чапо-теорија е подеднакво филмска, иако помалку привлечна: скриен е во еден од десетиците станови со кои располага (под туѓо име) во Скопје, кои се одамна прилагодени за повеќемесечен, анонимен живот во него. Седиш и чекаш. Што да е. Подобро така, отколку во Шутка. Те грее сонцето во Белизе, макар во фантазијата, со мајбах очилата за сонце на нос.

Третата теорија… Смислете ја сами.

До сега, по него никој не трага во Македонија. Ова е правна држава, морало прво да му се врачи в рака решението на судот. Три пати ѕвонеле, го нема. И „Титаник“ се одложи, и таму го нема. И кај мајка му го нема. И во партија го нема. И кај Хорхе го нема (патем, Хорхе е во Париз, со оној си ниша и, по српски ноти, си го слика Вес Мичел како јаде по приеми). Што да правиме, го нема! Формално-правно, човекот си е слободен турист кинисан на пат околу светот…

Па, колкав будала треба да си за да чекаш дома да ти го врачат тоа катиљ-решение?

А кога ќе констатираме дека не може да се пронајде, товарот на вината паѓа врз Заев: пребеган е од Македонија во договор со него! За сумата на парите вие нагаѓајте, иако се спомнуваа некакви 250 милиони. Всушност, доколку навистина исчезне, легендата за Груевски – како за некаков патриотски Робин Худ – само ќе расте, паралелно со хорот на оние кои ќе бараат одговорност за тоа како можел да избега?!

Мицкоски ќе слави: ем „политичкиот осуденик“ имал право да побегне; ем тоа ја докажува неговата теза за „криминалецот Заев(и)“. Две во едно. Избори веднаш, долу со предавничкото, неспособно СДСМ! (Ама само откако ќе се усвојат уставните измени…)

Овие другиве што се на судење, тие ќе заглават долги години на робија, за каузата. Редовно ќе добиваат разгледници од Белизе, исцртани со шарени коктели на база на авокадо и чадорчиња во нив: I wish you were here… итн.

Ви велам јас, како и да излезе, ова е материја за снимање филмови. Бидејќи, ви велам, додека го читате овој текст, големи се шансите сè уште никој да не знае каде се наоѓа Груевски… Загина Шутка за Никола!

civilmedia.mk