Депресијата е комплексна ментална болест која е многу повеќе од краткотрајна тага. Беспомошност, потиштеност, безволност, самокритичност, безиницијативност, повлеченост, чувства на безнадежност, тага и вина, намалена концентрација, губење на чувството за задоволство и интерес, социјална изолираност, ниска енергија, промена во апетитот и телесната тежина… симптомите на депресијата и нивниот интензитет варираат од лице до лице.
Терминот депресија честопати се користи погрешно, односно за да опише моментално лошо расположение. Неретко може да слушнете како некои личности се жалат дека се „во депресија“ само поради тоа што се растажиле за одредена случка или едноставно се разбудиле истоштени и со ниска енергија. Депресијата е многу посериозна отколку што многумина си замислуваат. Тоа е состојба од која не се излегува преку ноќ и која не се надминува со охрабрувачко тапкање по грбот.
Депресијата го засега секој аспект од животот на личноста, но предизвикува страдање и кај нејзините блиски. Воопшто не е лесно да гледате како пред очите блиска личност губи интерес за работите кои претходно ја усреќувале и како безволно лежи хранејќи ги песимистичките мисли. Доколку ваша блиска личност страда од депресија, вашата вклученост во процесот на лекување може да биде од клучно значење за брзо опоравување. Еве како можете да ѝ помогнете на депресивна личност:
- Прифатете дека депресијата е сериозна болест и не ја игнорирајте. Депресијата не исчезнува сама од себе и треба да ја прифатите како сериозна ментална болест, а не како привремена состојба која времето ја лекува. Никогаш не треба да настапувате со ставот„Не се загрижувај… и јас лани бев неколку дена депресивна, па ми помина“ или „Ајде доста е самосожалување, ти си силна, ќе помине, само не мисли на тоа, времето лечи сè“.
- Убедете ја дека ѝ е потребна стручна помош. Многу жртви одрекуваат дека страдаат од депресија и одбиваат каква било стручна помош. На нашите простори посетата на психијатар се прифаќа со голема негативност, но вие морате да настојувате. Не заборавајте дека вие не сте замена за психијатар. Објаснете ѝ на личноста на која сакате да ѝ помогнете дека заслужува да се чувствува подобро и дека депресијата треба да биде лекувана од стручно лице.
- Информирајте се – колку повеќе знаете, толку повеќе можете да помогнете. Многу е важно да ги разберете симптомите на депресијата за да имате претстава низ што точно минуваат депресивните лица. Информирајте се за причините кои водат до депресија, како и за различните начини на лекување.
- Бидете на нејзина страна и не ја осудувајте/критикувајте. Луѓето кои страдаат од депресија често се престроги кон себе, па ако сакате да помогнете, не давајте конструктивни критики и не ги посочувајте нивните грешки. Тоа може да им го засили самокритичното мислење и да им ја намали самопочитта, што само ќе ја влоши состојбата.
- Сослушувајте ја, наместо да ја затрупувате со совети. Ако личноста која страда од депресија одлучи да започне отворен разговор, ваша задача е да сослушате. Дури и да ги слушате истите зборови по стоти пат, бидете нејзино рамо за плачење и покажувајте сочувство. Многу е важно таа да се чувствува ислушана и да знае дека нејзините чувства ви се важни. Не давајте совети како „Само насмевни се“ или „Мисли позитивно“. Фатете ја за рака и едноставно бидете таму за неа. Слушањето и покажувањето разбирање се моќна алатка во процесот на лекување.
- Зачувајте го оптимистичкиот став и не ги поддржувајте нејзините песимистички изјави. Песимистичките мисли се симптом на депресијата, а вие не смеете да се согласувате со негативните погледи на личноста покрај вас. Зачувајте ја реалната слика и постојано разгорувајте ја надежта дека ситуацијата ќе се подобри. Укажувајте ѝ на позитивните нешта кои се случуваат околу неа, затоа што депресивните личности се спречени сами да ги видат. За депресивната личност иднината најчесто е мрачна и празна. Затоа, зборувајте за позитивната страна на животот.
- Не се плашете да ја прашате дали има самоубиствени мисли. Ризикот од самоубиство е поголем кај лицата кои страдаат од депресија. Ако личноста е во тешка депресија, внимателно набљудувајте дали некои знаци укажуваат на суицидни мисли. Искажете ја вашата загриженост и прашајте ја дали некогаш помислила да се повреди себеси. Доколку нешто во нејзиниот одговор ги потврди вашите сомнежи, веднаш побарајте професионална помош. Времето е од клучно значење.
- Дајте ѝ ја својата љубов и поддршка. Депресивните личности се чувствуваат безнадежно и често треба да бидат потсетувани дека некој се грижи за нив. Гушнете ја личноста на која сакате да ѝ помогнете, затоа што топлиот нежен физички контакт е многу важен. Кажете ѝ дека ја сакате и дека сте тука за неа, со цел да ѝ покажете дека некој се грижи. Истражувањата покажуваат дека депресивните личности кои имаат силна поддршката од семејството и пријателите побрзо излегуваат од депресијата отколку оние кои немаат поткрепа.
- Понудете ѝ практична помош. Личностите кои страдаат од депресија не се мрзеливи, но нивната состојба може да придонесе да чувствуваат тешкотии при справувањето со секојдневните задачи како плаќање на сметките, пазарување, грижа за децата. Преземете дел од обврските на личноста на која сакате да ѝ помогнете. Практичната помош може многу да значи.
- Мотивирајте ја да ви се придружи во вежбањето или пешачењето. Истражувањата покажуваат дека едно од најдобрите оружја во борбата против депресијата е вежбањето. Загубата на енергија е една од карактеристиките на депресијата, а вежбањето ја враќа не само енергијата, туку и чувството на контрола врз сопственото тело. Охрабрете ја и мотивирајте ја личноста да ви се придружи во прошетката или тренингот во најблискиот парк. Свежиот воздух и промената на глетката многу ќе ѝ помогнат. Исто така, ендорфините кои се зголемуваат со вежбањето секогаш помагаат за подобро расположение, а вашата покана ќе ѝ покаже дека се грижите за неа.
- Станете ѝ партнер во лекувањето. Лекарствата и психотерапијата се клучни за лекување на депресијата, па помогнете ѝ да ги зема препишаните лекови и редовно да присуствува на средбите со психијатар. Придружувајте ја до лекарскиот кабинет. На почетокот антидепресивите може не само да не ја подобрат состојбата, туку и да предизвикаат странични ефекти. Во овој период потребно е да ја охрабрувате да не се откажува. Поддржувајте ја со оптимистички изјави како „Ќе биде подобро“.
- Не се дистанцирајте од неа. Луѓето најчесто се откажуваат од активното учество во борбата со депресија затоа што понекогаш битките траат многу подолго отколку што очекувале. Подгответе се за долго патување, наоружајте се со трпение и не се оддалечувајте од депресивната личност. Нејзе ѝ е потребна поддршка, па уверете ја дека во вас има стабилна потпора.
И што е најважно, грижете се за себе. Доколку живеете со депресивна личност, може целосно да се преокупирате со грижата за неа, па да го занемарите сопственото здравје. За да имате сила да помагате, мора прво вие да сте емотивно и психички стабилни.