Сакам министер за здравство што ќе побара правда за сите трагедии предизвикани од злоупотреби, алчност и нечовечност. Сакам министер за здравство кој ќе му задава маки на премиерот, бидејќи ќе бара многу пари за заздравување на канцерогеното здравство. Таков ни треба, што ќе покаже дека бесплатното здравство не е фраза, туку реалност. Сакам да видам вистински добар човек, со вистински вредности, кој ќе го сопре понижувањето на болничкиот персонал и ќе им го врати достоинството на лекарите.
Стратегија да се мине денот може да му смисли и продавач во мини маркет. Ни треба човек кој знае како ќе изгледа македонското здравство во наредните 50 години, да биде пример во регионот, па и пошироко. Некој што ќе го направи здравството такво што ќе ги земе на одговорност сите свои криминалци и ќе им каже дека во овој сектор нема место за нив. И да постигне вртоглави успеси веќе на крајот од работното време на првиот работен ден како министер. Да побара апсење на барем десетина криминалци во здравството, во првиот час од тоа работно време. И таков да му е секој ден.Сакам министер за здравство кој ќе има храброст да каже СТОП за тешкиот грабеж со лековите, ќе го прегази Фондот за здравство и ќе ги открие сите мрачни игри во таа институција, за кои сите знаат и слегнуваат со раменици веќе со децении. Таков министер за здравство ни треба.
Министер за здравство на кој ќе му биде срам што нема инсулин во аптеките, но ќе направи тој инсулин и да го има. Кој ќе ја прошири позитивната листа и ќе направи сѐ тие лекови да ги има до крајот на месецот, секој месец, од година в година. Некој што ќе ги впрегне сите сили на министерството и ќе ја притиска целата влада да стори сѐ Македонија да има најниска, а не меѓу највисоките стапки на смртност на новороденчињата. Каде Тамара ќе биде тажен и мрачен спомен, кој никогаш нема да дозволи да се повтори.
Сакам министер за здравство за кој нема да кажам дека, каков и да е, подобар е од Министерот за смрт (Тодоров), бидејќи тоа е премногу лесно. Тој мора да биде неспоредлив и незаменлив, да сака секоја влада да го има. Некој што не е дил-ориентед, некој со кого нема да сакаат работат компании што сакаат високи профити од лоши услуги и неквалитетни продукти. Сакам министер за здравство кој ќе биде една од најважните причини за успех на владата и нејзин реизбор.
Министер за здравство што ќе им го продолжи животот на луѓето, ќе ги направи поздрави и поспособни да работат и да придонесуваат за своите семејства и општеството. Министер за здравство што ќе им зададе главоболки на пензиските фондови, затоа што луѓето живеат подолго.
Домаќин човек, кој го сака само најквалитетното за своите сограѓанки и сограѓани. Некој што ќе ги натера приватните клиники да се замислат, бидејќи државното здравство (бесплатно) ќе го направи конкурентно на приватното. Вистински „расипник“ што се однесува до воведување нови и современи методи, изградба на амбуланти и болници и набавка на апарати, помагала, лекарства, амбулантни возила. И таков што се бори за добри плати на сите вработени.
Сакам министер за здравство кој ќе биде популарен, а не популист. Всушност, сакам влада што ќе носи популарни, а не популистички мерки.
Сигурен сум дека премиерот ќе има главоболки од таков министер за здравство, но знам дека истовремено и ќе го поддржи и ќе му даде одврзани раце да донесе здравје во оваа болна земја.
Многу ли сакам? Тешко ли е да се најде еден обичен, работлив, добар и чесен човек да биде министер за здравство? Јас мислам дека не е.