КАКВА ВЛАСТ НИ ТРЕБА? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Во еден волшебен град постоела продавница на желби. Таму сѐ можело да се купува, од љубов, здравје, богатство, убавина, среќа, па сѐ до кариера, успех и власт. Секоја стока си имала своја цена, а тоа ти била – одрекнување од нешто. На пример, за да купите искрена љубов требало да се одрекнете од богатство. За да купите богатство требало да се одрекнете од чесност. За да купите чесност требало да се одрекнете од луксуз. Најскапо ти било купувањето добро владеење. Тогаш требало истовремено да се одрекувате од другарство, сожалување и атерџиство. А над продавницата стоела рекламата: „Ако вашата желба не е исполнета – веројатно не сте ја платиле цената“!

Владата, за неполни две години, на надворешен план постигна спектакуларни резултати, далеку над балканските умови кои најчесто се робови на глорификација на лажното минато и газењето по сегашноста и иднината. Од држава во распад и ветена земја за криминалци, стасавме до високо почитувана држава, и не случајно што и Папата нѐ посети. Меѓутоа, на внатрешен план, кај што светот достигнува авионска брзина, ние сѐ уште се возиме со парна локомотива. Не се гледа ниту јасна ориентација на кај се движиме. Тоа ја ослабнува кондицијата на владата за долга пловидба по немирни води, за која ѝ е потребна првокласна морнарска екипа. Само еден од нив да не ја знае работата, не можеме ниту сидра да кренеме. Лудвиг Борне вели: „Владата се едрата, народот е ветерот, бродот е државата, а морето е времето. За да пловите брзо и без хаварија, сите треба да функционираат“. А ние со едни просечни функционери кои имаат натпросечни афинитети за злоупотреби, никако да тргнеме од пристаништето!

***

Во фаза на економски бум се и повеќе други африкански држави – Намибија, Ангола, Танзанија, Мозамбик, дури и Етиопија која е позната како светски бренд за умирање од глад, а сега има раст од девет проценти, и е рангирана меѓу 13 држави со најбрз развој на светот. Така што сега „Црна Африка“ која традиционално симболизира пучеви, граѓански војни, криминални влади, сиромаштија, болести, глад и жед, веќе не е толку црна. Таа станува светска гордост. Денес таму, силни брендови, вклучувајќи ги и „Russell Company“ во склоп на „London Stock Exchange Group“, познатиот светски синџир „Walmart-Massmart“, како и гигантите „IBM“, „Bharti Airtel“, а и многу други светски економски лидери се модерна локомотива за една друга Африка. Минатата година, дури седум од десет најбрзи економии на светот биле држави од тој континент. Тие се на пат да ги надминат и „Азиските тигрови“ (Кина, Индија, Јужна Кореа, Малезија и Виетнам).

А каде сме ние ?!

Ние со години имаме едни функционери кои не заслужуваат да бидат ниту портири во тие институции. По некоја случајност тие се имаат качено во партиските врвови (заробени партии) и станаа господари на нивната среќа и на нашата колективна несреќа. А ние празно се тешиме – подобро само човек без црн имот, отколку црн имот без човек! Станавме општество каде што народот едвај преживува со своите десет прсти, а некои уживаат со милиони туѓи раце. Ако не се преземе нешто радикално и фронтално, од такви суштества само смртта ќе нѐ раздвои. При наши состојби, најдобро е партиите (ако имаат сила), да постават непартиски експерти барем во сферата на економијата и развојот. Тие никој нема да ги штити, за разлика од вакви дузина неписмени функционери заштитени од себе (или од партиска ѓаволштина). Па доста ни е од луѓе кои потекнуваат од времето кога беше среќа да си споменик, а несреќа да си човек. А и од нив кои имаат само лични желби и ситни резултати во големи пакувања. Треба да сфатиме дека често возвишеното и смешното го дели само едно влакненце. Секој компромис меѓу измамата и вистината е на штета на последното. Башка што таквите фрлаат дрвја и камења ако им кажете – благодарам отидете дома! А ние од такви фрлени дрвја и камења сакаме да изградиме држава.

Колумната на Мерсел Биљали за цивил.медиа во целост можете да ја прочитате тука.