Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека граѓаните на Париз знаат каква болка задава тероризмот и оти Париз и Лондон никогаш нема да ја наведнат главата пред тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Париз е одржан состанок за загаденоста на воздухот, а на состанокот покрај градоначалничката на тој град, Ан Идалго, присуствуваа и Кан, градоначалникот на Сеул, Парк Ву-сун и претставници од автомобилската индустрија.
„Народот на Париз многу добро знае каква болка е тероризмот. Ние нема да им дозволиме на терористите да успеат, и одлучни сме во тоа. Лондон и Париз никогаш нема да ја наведнат главата пред тероризмот“, изјави Кан по состанокот.
Градоначалникот потсети дека процесот за излез на Велика Британија од ЕУ е започнат.
„За жал, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ. Но би требало да продолжиме да соработуваме. Не само во безбедноста и во борбата против тероризмот. Истовремено би требало да соработуваме во решавањето на многу проблеми“, смета Кан.
Тој укажа на борбата на Лондон и на Париз кога станува збор за загаденоста што ја предизвикуваат возилата со дизел мотори.
Идалго изјави дека годишно во светот, од последиците на загаденоста на воздухот умираат повеќе од три милиони лица.
„Сообраќајот е основната причина за загаденост во нашите градови. Ние како градоначалници мораме да дејствуваме против тоа. Јас немам проблем со возилата, туку со загаденоста“, додаде Идалго.
Таа изјави дека се во соработка со произведувачите на автомобили и дека градоначалниците се за дијалог.
Според нејзините зборови, потребно е произведувачите и градоначалниците да имаат однос во кој сите се во добивка.