ТРЕНТОН (АА) – Лисерите на Канада и Мексико се сретнаа вчера на економскиот самит во Перу за да разговараат околу можните реперкусии од изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, врз Северно-американскиот договор за слободна трговија (НАФТА), јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот не беше објавено соопштение, но канадските медиуми претходно оваа недела објавија дека лидерите на Канада и Мексико се сретнале на разговори во врска со НАФТА во периодот по изборот на Трамп и вчерашната конференција.
Договорот потпишан во 1994 година од страна на САД, Канада и Мексико, ги отстрани тарифите на многу трговски производи во трговијата меѓу трите земји, а најголем дел од извозот оди на огромниот пазар во САД.
Трамп го окарактеризира договорот НАФТА за најлошиот трговски договор во историјата на државата, и за време на неговата претседателска кампања истакна дека ќе го укине доколку не може повторно да се преговара за него.
Шефовите на канадската и мексиканската влада го искористија дводневниот самит за Азиско-пацифичка економска соработка, на кој учествуваа 21 земја, да разговараат за критиките на Трамп во однос на договорот НАФТА и изнаоѓање стратегија за зачувување на договорот.
Канадскиот премиер Џастин Трудо, периодот пред вчерашната средба со претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, се обиде да ги смири стравувањата за иднината на НАФТА договорот и рече дека ќе биде подготвен за повторни преговори во врска со договорот.
„Кога велам дека сум отворен за преговори во врска со НАФТА, отворен за преговори во врска со трговските договори, тоа е начинот на којшто управувам јас“, рече Трудо, како што соопшти Канадската радиодифузна корпорација (CBC), канадскиот национален информативен сервис. „Јас сум секогаш отворен да зборувам за она за што луѓето сакаат да зборуваат“.
Трудо додаде дека ако Трамп сака повторно да преговара за договорот, тоа не би било првпат договорот НАФТА да биде изменет.
„Факт е дека договорот НАФТА е изменет, подобрен, корегиран и прилагоден повеќепати во текот на изминатите 20 години, поради тоа ние сме секогаш во потрага по можности за истиот да се направи подобар“, рече тој.
Двајцата лидери во иднина ќе одржуваат почести разговори за иднината на договорот НАФТА, додека Трамп е зафатен со креирање на неговиот владеачки тим, членови кои сè уште немаат пристап до политиката на национална безбедност и економија, објави „Глоуб“.
Доколку се укине НАФТА, Канада може да го обнови договорот од 1984 година за слободна трговија, кој беше заменет со договорот НАФТА, но Мексико ја нема таа опција, објави Глоуб.
„Фокс Њуз Латино“ пак истакна дека договорот за слободна трговија може да влијае на околу 530 милиони луѓе во трите држави.