Канческа-Милевска: Ова е театар организиран од СДСМ

Сподели

elizabeta-kult

Ова е чист политички театар организиран од СДСМ, а поддржан од Специјалното јавно обвинителство, изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по излегувањето од Кривичниот суд, каде денеска беше на распит за случајот „Тендери“.

Канческа-Милевска во судот се задржа околу два часа. Таа рече дека останува на изјавата дадена минатиот четврток и дека на денешното сослушување од СЈО не биле приложени нови докази.

– Станува збор за чист политички театар организиран од Социјалдемократскиот сојуз, а во кој учествува и Специјалното јавно обвинителство, како поддршка за оваа партија во овој предизборен период. Останувам на изјавата што претходно ја дадов – рече Канческа- Милевска.

Министерката Канческа-Милевска веднаш по објавувањето на случајот, свика прес-конференција, на која изјави дека работата на сите проекти од „Скопје 2014“ е „чиста како солза“, а обвинувањата на обвинителката Фатиме Фетаи ги оквалификува како „трач муабети“ и „рекла-кажала“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ѝ биде одземен пасошот, Канческа-Милевска кусо одговори дека новинарите „треба да ги познаваат законите“.

Специјалното јавно обвинителство ја отвори истражната постапка за случајот во четвртокот минатата недела и уште истиот ден, како што соопштија оттаму, побарале од судот на двајца од осомничените да им бидат одредени мерки за претпазливост.

meta.mk