Доброволно полиграфско тестирање е задолжителен услов за вработување во новата Агенција за национална безбедност (АНБ), стои во Законот за Агенција за национална безбедност, што Собранието го усвои вчера.
Тестирањето на полиграф (детектор на лаги) е пропишано во условите за засновање работен однос во АНБ. Работниот однос е условен со позитивно мислење за полиграфското тестирање за проверка на професионалниот интегритет, односно со потврда дека кандидатот ја зборувал вистината.
„Полиграфското тестирање се спроведува на доброволна основа, врз основа на претходна писмена согласност за полиграфско тестирање на кандидатот. Со писмената согласност лицето изјавува дека се согласува да му се изврши полиграфско тестирање заради засновање работен однос во Агенцијата, како и полиграфски тестирања за проверка на професионалниот интегритет во текот на работниот однос во Агенцијата“, стои во ставот 4 на членот 67 од законот.
Но, веќе во ставот 5 се наведува:
„За кандидатот кој го одбива полиграфското тестирање од ставот (1) алинеја 7 на овој член, се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Агенцијата“.
Начинот на спроведување на полиграфско тестирање го утврдува Директорот со подзаконски пропис. Одбивањето на полиграфското тестирање, според членот 176 од Законот, е основа и за откажување на договор за вработување
Законот за новото тело кое од 1 септември ќе ја замени сегашнтата Управа за безбедност и контраразузнавање во МВР предизвика бројни реакции, но и широка амандманска расправа. Во својата конечна форма има 54 усвоени амандмани, 25 амандмани беа одбиени, а 12 повлечени.
Прифатените амандмани, меѓу другото, предвидуваат и одредби за обука на вработените, кои се должни да останат на работа најмалку пет години, или да платат двојно повисоки трошоци за обука, и мерки за заштита на личните податоци.