Во петок (19.08) во Кавадарци продолжува серијата мултимедијални настани на Караванот на слободата. На големата сцена на градскиот плоштад, кавадарчани ќе ги забавуваат Бени и Нон Стоп, Шутка рома рап, ПМГ Колектив и Смоук Шејкерс. Покрај многу музика, настанот ќе биде збогатен со поетски читања, ликовна работилница, изложба, дебата и видео проекции.
Настанот почнува од 18:30 со дебата на тема „Македонија: со или без слобода“, на која ќе учествуваат адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп, режисерката и активистка Ирена Стеријовска од Скопје, отец Душко Груевски од здружението на граѓани „За нас се работи“ од Битола и граѓанскиот активист Ненад Јовановиќ од Кавадарци ,а дебатата ќе ја модерира, Марија Теговска од ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Стихови за слободата ќе читаат актерите Милан Секулоски и Марин Бабиќ и поетесите Оливера Доцевска, Биљана Јордановска и Цветанка Колева. Уметничката работилница и изложбата „Слобода во боја“ ќе ја предводи академскиот сликар Мирослав Стојановиќ.
Бени и Нон Стоп, Шутка рома рап, ПМГ Колектив и Смоук Шејкерс се задолжени за „Музиката на слободата“ која започнува во 20:30 часот.
Караванот на слободата на ЦИВИЛ ќе посети над 30 општини низ целата земја, а на програмата се наоѓаат девет големи мултимедијални настани со учество на над 150 музичари, над 40 поетеси и поети и исто толку визуелни уметници, околу триесет учесници на дебатите и низа други уметници, интелектуалци, познати личности и активисти. Проектот е поддржан од УСАИД.