Катил ферман за Мицкота – Сашо ОРДАНОВСКИ

Сподели

Како му тргна на претседателот на опозицијата со препискиве, би се рекло дека на Мицкоски не му се пишува добро: пред десетина дена по пошта го поздрави Вес Мичел со порака дека Мицкоски не му ја говорел вистината, а уште таа штета во ДПМНЕ не е санирана, кога сега и Мијалков му пушти катиљ ферман со исто прашање, „Зошто лажеш Христијане?“.

 

Сепак, вреди да се нотира напредокот во внатрепартиската комуникација кај вмровците, бидејќи имало долги периоди во нивната невесела историја на меѓусебни препирки кога таму Ќосето бил поштар-пошта-носи. Сега, барем, „крварењето“ е литерарно, по фејсбук и по интернет.

Додуша, со часови по првата објава, писмото на Мијалков не можеше да се најде по главните инфо-портали блиски на партијата. На пропагандниот штаб на опозицијата му требаше време за да ја проценат магнитудата на земјотресот што ги беше зафатил. За на крајот да смислат мики-маус, фантастично сценарио: мојата маленкост, ЈАС, сум бил авторот на писмото што Мијалков само го потпишал!

Гревчиња. Ајде мене што ми припишуваат општествено влијание за коешто самите можат само да мечтаат во своите највлажни соништа; и, до тука, е во ред, јас такво влијание, благодарам на комплиментот, имам. Ама со тоа, на сопствената „отворена рана“ дотураат уште малку сол, бидејќи на Мијалков, всушност, му порачуваат: „Ти си толку глупав, што ни писмо не знаеш да напишеш, морало еден Орданоски да ти го составува“…

Мислам дека ова Мијалков лично ќе им го сфати. Верувајте, последиците можат да бидат бомбастични.

А во писмото, Мијалков, всушност, го обвинува Мицкоски („Ти си лажен патриот!“) дека тој е главниот помошник на СДСМ и на меѓународната заедница за прифаќање на Преспанскиот договор. ЦК на ДПМНЕ, пак, токму тоа го тврдеше за Мијалков, дека тој „за грст златници“ им се продал на Заеви и на Бејли, заради што и го „шутнаа“ од партијата како вреќа со болви…

Сега, не разбирам, ако и двете страни се обвинуваат за иста работа, дека работеле за успех на Преспанскиот договор, во што е проблемот?

Проблемот не е во Преспанскиот договор, туку што Груевски и другарчињата одат во затвор. Проблемот е во правната држава (макар и оваа, нашава, крајно несовршена), како таа да се испреговара, закочи, макар да се успори…

Според тоа, за љубителите на заговорите, има две можности со кои може да се објасни ваквиот „епистоларен“ – превод: по пат на писма – развој на настаните: 1) или е ова реален судир меѓу братучедите (Мицкоски е тука само во улога на транзициски посредник), поради различните стратегии за спас на „голата кожа“ од челустите на правната држава, па кој преживее ќе ја раскажува историјата; 2) или, пак, се работи за општа „бурлеска“ во која сите замешани страни продолжуваат да играат некаква претходно договорена драмолетка во која ќе се одглумат несогласувања на највисоко партиско ниво (Груевски-Мицкоски-Мијалков), за пониските „патриотски“ нивоа да не сфатат дека ќе се преведат „жедни преку вода“ ем по прашањето на нашето зачленување во НАТО (да, по пат на, де факто, поддршка на Преспанскиот договор), ем по прашањето за тоа кој и колку ќе заглави во затвор, под налетот на доказите на правната држава. Трето нема.

Всушност, има и трета „теорија“, ама таа не е толку атрактивна за ВМРО-ДПМНЕ: партијата, после општествено-политичката катастрофа што ѝ ја приреди на Македонија со своето долго владеење, сега се соочува со сопствениот кадровски и политички распад во хаос, но затоа упорно, повторно исправени на погрешната страна на македонската историја.

Сепак, се чини дека ова нема да биде крајот на неволјите за Мицкоски и неговиве… Има некаква решителност и отворена закана во тонот на писмото на Мијалков коишто велат дека е тргнат да си дојде по своето во партијата од којашто го исфрлија како куфер без рачка.

Ама, аманте луѓе, доста време ни арчите, прајте веќе еднаш што ќе прајте, од вас не можеме со глупостите во владеењето на СДСМ да се фатиме, ќе ни отиде државата во пченка, кој ќе ја оправа повторно?!

civilmedia.mk