„Катимерини“: Грција да не се меша во парламентарните избори во Македонија

Сподели

katimerini

Грција не треба да се меша во македонските парламентарни избори, коментира денеска грчкиот весник „Катимерини“. Во анализа на ситуацијата со декемвриските парламентарни избори, весникот забележува дека грчката влада би требало да држи дистанца и да не се меша на каков било начин во изборите.

Според оценката на весникот, најдобро би било Грција да ги остави Македонија и македонските политички лидери сами меѓу себе да ги решат политичките разлики и несогласувања. Во анализата се забележува дека и самиот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој го посети Скопје на 25 август и имаше средби со македонските дипломати и со македонскиот државен врв, испратил јасна порака дека Грција не планира да се меша или да влијае на внатрешната ситуација во Македонија и сака стабилна држава во нејзиното соседство.

„Нема никаква смисла Атина да се надева или, пак, да навива за една или друга страна на овие избори. Кој и да победи на изборите, нема да се осмели да ја прекрши националната црвена линија околу разликите со Грција“, пишува весникот.

„Катимерини“ оценува дека ситуацијата е ваква поради долгогодишната политика на антиквизација на Никола Груевски, која не дозволува отстапки од македонската црвена линија. Меѓутоа, според весникот, климата е слична и во Грција и теренот сè уште не е подготвен за отстапки од досегашните ставови за да се дојде до заеднички прифатливо решение за двете страни. Затоа, според весникот, најдобро би било Грција да се држи настрана од македонските внатрешни проблеми и судири и да работи во насока на подобрување на атмосферата меѓу двете општества бидејќи само на таков начин може да се отвори патот за наоѓање решение за дводеценискиот спор за името.

Во однос на тоа што ќе се случува за време на изборите и по нив, весникот забележува дека меѓународната јавност и крупните играчи од Исток и од Запад нема во никој случај да oстанат индиферентни во однос на изборите бидејќи Македонија има големо влијание за стабилноста на регионот.

„Во Вашингтон, Брисел и во Берлин се загрижени за геополитичката ориентација на БЈРМ. Бидејќи надежите за прием во ЕУ и во НАТО избледнуваат, Москва полека ја отвора својата прегратка за Скопје, гледајќи руско приближување кон Балканот. Кај западните дипломати не поминуваат незабележани флертовите на Груевски со Русија“, пишува весникот, додавајќи дека можните македонско-руски додворувања би можеле да создадат проблеми со албанскиот фактор во земјата.

meta.mk