Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска оствари работна средба со тим составен од шестмина експерти, за спроведување на ИПА 3 проектот кој се однесува на развивање на капацитетите на Уставниот суд за пристап до уставноста и законитоста и донесување на нормативни акти и заштита на основните права.
На средбата, претседателката Кацарска информираше за досега преземените активности, донесената Програма на Судот, стратегијата за развивање на капацитети, капиталните проекти и инвестиции кои се реализирани.
Претставниците од експертската група беа информирани за досега спроведените, тековните и идните активности кои се во насока на зајакнување на транспарентноста, отвореноста и достапноста на Судот за јавноста.
Експертот за човекови права и тим лидер на групата, Довидас Виткаускас ги најави планираните активности кои во координација со претставници на Уставниот суд ќе се реализираат во идниот период. Групата ја сочинуваат: Стефица Стазник, експерт во областа на меѓународните човекови права во домашните правни системи, Јордан Апостолски, експерт во имплементација на судски реформи, Славица Баниќ, експерт за уставно право, Васко Маглешов, новинар и претседател на СМС, Велимир Деловски, магистер по европско право, меѓународни и хуманитарни права, Александар Јосифовски, експерт за развој на ИТ со долгогодишно искуство во судскиот систем.
Активностите на проектот ќе се реализираат преку две компоненти: Зајакнување на професионалните и административните капацитети, административната автономија, независноста и ефикасноста на Уставниот суд и Подобрување на индивидуалната заштита на слободите и правата на лица и граѓани пред Уставниот суд.