Кога Грција, со традиционални симпатии кон Русија, протера
двајца руски дипломати, поради отвореното залагање да се сруши Преспанскиот
договор, јасно се покажа големата нервоза во Кремљ, поради очигледното
пропаѓање на нејзиниот мрачен проект во регионот. Факт дека Русија има бројни
нерасчистени сметки со Западот, а истите тие најлесно сакаше да ги подмири
преку создавање нестабилност на Балканот. Важни информации наведуваат дека таа
држава планирала Македонија да биде иницијална каписла за поголема стравична
балкнаска експлозија. Во еден од извештаите, поранешниот висок претставник за БиХ,
лордот Педи Ештдаун има потенцирано дека Балканот продолжува да живее со
логиката на „недовршени држави“ и дека таму и етничките насилници си се
доживуваат себеси како жртви. Познатиот европски анлитичар Бруно Макаеш во
серијата текстови „Војни кои доаѓаат“ наведува дека Русија интензивно работи за
да пропадне Преспанскиот договор, како поволна шанса за палење на балканскиот
пекол. Од тоа стравува дури и Србија, која иако навидум Русија ѝ е нејзин
природен сојузник, таа не би сакала да се жртвува за туѓа сметка. А среќна
околност е што во моментот не постои некој регионален лидер со умот и силата на
Милошевиќ, па сите да завршиме кај ѓаволот. Факт е дека луѓето знаат полесно да
се обединуваат околу заеничкото зло, отколку околу заедничкото добро.
Со силно лидерство Македонија и Грција успеаја да ја
избегнат таквата кобна и опасна замка за нив, но и за целиот регион, меѓутоа
претстои и многу работа за да се расчисти црната магла над овај регион, оти
познато е дека на Балканот е сосема лесно лудаци да дојдат на власт. Тоа добро
го знае и Вучиќ, кој сега со голема мака балансира меѓу Русија и Западот. А
важни факти говорат дека токму поради ваков страв и самата Србија веќе брзо
чекори кон НАТО. Таа веќе со Алијансата има највисок степен на соработка во
рамките на „Партнерството за мир“ (ИПАП – соработка, што е многу блиску до
полноправното членство).
Македонија е пред вековната среќна шанса, спасоносно да
влијае, не само во однос на себе туку и за целиот регион. Таа е близу да
финишира со Преспанскиот договор, со што излегува од трнлив пат. Се виде дека
во амандманите “не се криела мечка” – ќе каже Заев, кој афирмативно ги спомнува
Ципрас, Каменос, опозицијата и грчкиот народ. Без оглед на грчките јавни
ставови кои релативно се избалансирани и повеќето се наменети за електорални
цели, реално главните грчки политички чинители покажуваат потребна одговорност
во однос на Преспанскиот договор – Власта дека завршила долгогодишен спор, а
опозицијата за да се спаси од таков иден товар. Портпаролот на грчката Влада
Ѕанакопулос, истакна дека стапувањето на сила на Договорот, ќе доведе до нова
ера во регионот. Видливо е дека за Договорот силно се залагаат и најважните
светски фактори. Државниот секретар на САД Мајк Помпео, по средбата со
алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Катругалос, изјави дека
влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да
се спротивстават на „недобрите активности“ на Русија во регионот.
Сигурно дека многу луѓе имаат стотина причини да бидат
незадоволни од постојната власт. Некои поради ветувањата, други поради
амнестијата, трети поради неажурност, четврти поради загадувањето, петти поради
нарцисоизмот, шести поради иселувањето, но непобитен факт е дека требаше со
сите сили да се дејствува во насока на физичкиот спас на луѓето и државата како
целина. Без такви тешки одлуки, нема да биде можно да се движи напред, ни
назад, ниту горе, туку само длабоко долу. Спротивно на ваквата реалност е рамно
на најдобрата дефиниција за лудничавост. Но, факт е дека другите параметри на
власта можеле многу повеќе да сторат за општото добро, наместо да летаат на
облаци без параглајдер.
Мицкоски може да вика до небо во очај со јазик што не се
проголтува ниту со најдобар мед, но изгледа луѓето повеќе го сожалуваат отколку
што му веруваат. Луѓето добро знаат дека среќата не се бара таму каде што е
загубена. Тие разбраа дека капка омраза може да поплави многу повеќе од река
разум. Се гледа дека викањето не е баш адекватен механизам за брзо бришење од
меморијата 11 годишната колективна хаварија и страдање. Ако тој сака да почне
со поентирања, треба јасно и недвосмислено да се дистанцира од пеколното минато
создадено од луѓе, кои токму него го избраа за нивен наследник. Дури е потребно
и лично извинување оти и самиот бил дел од озлогласената екипа. Паѓањето на
колена и повикувањето да го убијат ако ги издаде, припаѓаат на фрнацуската
револуција. Луѓето сега знаат дека најубава маска има тој што има најгрдо лице.
Не е можно Мицкоски партијата да ја стави на колосек додека Груевски му е
локомотива. Не можат да зборуваат за немање демократија, а истата тие самите ја
газеа и понижуваа. Критикуваат за сиромаштијата што самите со години ја
создадоа. Ронат крокодилски солзи за масовното иселување, а самите повеќе се
грижеа за спомениците без души, отколку за човечките души. Жалат за владењето
на правото, а цели 11 години ја силувале Јустиција. Сега гледаме како
најважните институции им ги доверија на неписмени улични банди кои градеа нивни
пирамиди, уривајќи ги нашите животи. Зборуваат за задолжување, а самите три
пати го зголемија државниот долг. Со години глупостите ги прогласуваа за
проекти. После таква ментална хаварија, луѓето почнуваат да се сомневат во
можното и да веруваат во невозможното. Дури се плашат да станат нормални, оти долги
години имаа власт која е можна да се заслужи само под казна.
Далеку од тоа дека државата е опоравена по децениското
газење по сите основи, за да може од некаков инстантен инает да бара да го
врати минатото зло, револтирана од сите моментални пропусти, злоупотреби и
неспособности. После толку години ненормалност на сите нам не ни е воопшто
лесно да се соочиме со нормалното. После толкави лаги, манипулации, уцени,
корупција и национализам, ќе ни треба доста време за да дојдеме при себе.На
ваквата силувана, зграбена и ограбена држава ќе и треба долга терапија, но и
добри доктори за да оздрави. Но, и опозиција која на секој проблем ќе понуди
решение, наместо на секое решение да понуди проблеми.