Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вчеравечер оствари средба со граѓаните од улица „Ленинова“, која треба да се реконструира напролет. Идејното решение за улицата е во крајна фаза, поради што Герасимовски ги покани граѓаните да го погледнат заедно и да се изјаснат по истото. Жителите од „Ленинова“ се задоволни од проектното решение, кое нуди поставување на атмосферска канализација, ново осветлување и 134 резидентни паркинг места.
„Идејното решение за улица ‘Ленинова’ го направивме според вашите потреби и барања кои ги лоциравме на маалските средби во предизборниот период, а тоа е паркирањето. По реконструирањето, улицата која сега е под надлежност на ЈП Градски паркинг, ќе припадне под ЈП ПОЦ, преку кое обезбедуваме 134 резидентни паркинг места. Проектот кој вечерва го презентиравме има џебови за паркирање за 134 возила, ново улично осветлување и атмосферска канализација“, изјави Герасимовски.
Тој исто така напомена дека реконструирањето на улицата ќе започне во пролет, поради тоа што во моментов се изведуваат градежни зафати на екипите од ЕВН, кои поставуваат кабли за засилување на електричното напојување.
Улицата „Ленинова“ ќе се реконструира во делот од булевар „Партизански Одреди“ до улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“, градежните зафати се однесуваат на површина од 6720 метри квадратни и ќе чинат 5371 денари по метар квадратен.