Кинески автопати: Ставрески до Јанакиевски – Не можеш вака да местиш луѓе!

Сподели

Денеска на рочиштето за кинеските автопати, односно за случајот „Траекторија“, се прочитаа 288 СМС пораки.

Специјалното обвинителство презентацијата на пораките како доказ ги подели на три дела. Во сите три, главна улога им екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Првите 103 пораки кои се дел од доказите на СЈО се помеѓу Јанакиески и тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески. Токму Ставрески во комуникацијата со Јанакиески реагира на игнорирањето на втората кинеска фирма заинтересирана да ги гради делниците Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.

Ставрески со СМС до Јанакиески:

„Нема ни износ ни назив на фирма. Ако нема износ нема ни апликација. Не можеш вака да местиш луѓе. Не може еден да договара, а друг да мести. Срамота е.“

Јанакиески со СМС до Ставрески:

„Никој никого не мести. Кога ќе ги имам точните суми ќе ти ги пратам. Не е убаво да мислиш дека те местам.“

Во размената на пораките тогашните министри пишуваат дека треба да разговараат со премиерот Никола Груевски околу изборот на македонски фирми кои ќе работат на трасите. Јанакиески разменувал и пораки и со тогашниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Пред читањето на СМС комуникацијата на обвинетите во судот изминативе месеци се пуштија преку 300 прислушувани разговори.

Според СЈО, иако имало втора понуда која била поевтина за близу 5 милиони евра, сепак обвинетите ја игнорирале и ја фаворизирале „Синехидро“. Бил заобиколен законот за јавни набавки, а штета врз буџетот со директниот договор со кинеската фирма е над 155 милиони евра. Во „Траекторија“ обвинети се четири лица. Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службената положба, додека екс-премиерот Груевски е обвинет за примање награда за противзаконско влијание.