Кинотеката од 17 јули, со почеток во 21:00 часот започнува со прикажување филмови на Чарли Чаплин во летното кино под отворено небо.
Со десет наслови во овој исклучителен циклус – кој го опфаќа творештвото на Чаплин од неговите почетоци па сè до последните дела – Кинотеката ви овозможува увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој Шарло се справува со предизвикот на звучниот филм.
Чарлс Спенсер Чаплин (Charles Spencer Chaplin), или едноставно Чарли Чаплин (Лондон, 15 април 1889 –Корсие-сур-Вевеј, 25 декември 1977), не само што е класик во светската кинематографија, туку со него и започнува тој период што ние денес го нарекуваме класика. И, како во случајот со сите класични филмски ликови, сè започнало едноставно: насмеј ја публиката, освој ги нивните срца, и биди на нивна страна, макар што заради тоа ќе ти замериестаблишментот, па и со децении ќе ти забрани влез во земјата (САД) каде што направил една од најголемите кариери во филмската индустрија.
Чарли Чаплин со смеата не само што ги забавувал народните маси низ Америка и светотна почетокот на неговата кариера, туку со ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР или СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ бил прилично жесток критичар на општеството во кое живеел. И тоа не му било простено, па затоа „левичарот“ Чаплин во ерата на макартизмот („ловот на црвените вештерки“ во САД по Втората светска војна) бил прогласен закомунистички симпатизер. Чаплин живеел во Швајцарија и цели две децении не доаѓал во САД, сè до 1971, кога во Холивуд ја примил почесната награда на Американската филмска академија за животно дело во филмот.
Чаплин е посебен и заради тоа што неговиот карактеристичен филмски лик на „отмениот“ скитник е податен за мининалистичка анимација: поцилиндер, стап и мустачиња, спакувани во претесно палто, прешироки панталони и чевли поголеми за три-четири броја. Секако, целата таа гардероба е ветва. Но, затоа пак, свежината на неговиот филмски израз бил несопирлив…
Со безмалку 90 улоги на филм и 72 кредити како режисер, Чаплин е од оние автори кои компримираат вистински филмски универзум сам за себе: бил и сценарист, монтажер, продуцент, а повремено и компонирал или бирал музика за неговите филмови.
Од крајот на Првата светска војна до почетокот на Втората светска војна Чаплин ги снима неговите најуспешни кратки и среднометражни филмови (ДЕТЕТО / The Kid, 1921; МРЗЛИВЦИ / The Idle Class, 1921; АЏИЈАТА / The Pilgrim, 1923…) и долгометражни филмови (ЦИРКУС / The Circus, 1928; СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ / City Lights, 1931; МОДЕРНИ ВРЕМИЊА / Modern Times, 1936).
Појавата на звучниот филм е новиот предизвик, и во таа сфера не е неуспешен: ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР (The Great Dictator, 1940), ГОСПОДИНОТ ВЕРДУ (Monsieur Verdoux, 1947) и СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА (Limelight, 1952) е неговите три звучни филмови, со кои ја завршува американската епизода во неговиот живот и кариера. Во Велика Британија го снима КРАЛ ВО ЊУЈОРК (A King in New York, 1957).
Тоа е Чарли Чаплин во кратки црти. Повелете во летното кино на потсетување, но и ново видување на ремек-делата на кралот на комедијата.
17 ЈУЛИ (ПЕТОК), 21:00 Ч. ЦИРКУСОТ (The Circus) Игран филм, САД 1928, 72 мин., црно-бел. ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin), Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Мирна Кенеди, Хенри Бергман, Хари Крокер (Merna Kennedy, Henry Bergman, Harry Crocker)
*Крадец му го краде паричникот на еден човек и за да не биде откриен, го става во панталоните на скитникот (Чаплин). Подоцна, жртвата на кражбата го здогледува паричникот кај скитникот и го пријавува кај полицаецот. Бегајќи, тие влегуваат во циркусот токму за време на претставата и сите гледачи се воодушевени од скитникот. Поради тоа, сопственикот на циркусот (го игра Гарсија) му нуди работа на скитникот, но утредента, за време на пробата, тој се покажува во лошо светло и не ја добива работата. Таму, скитникот ја запознава ќерката на сопственикот на циркусот (Кенеди) и се вљубува во неа.
Меѓутоа, подоцна, кога работниците во циркусот даваат отказ, скитникот е ангажиран како физички работник. Кога случајно ќе упадне на среде претстава, публиката повторно е воодушевена од него и сопственикот на циркусот сфаќа дека тој е главната атракција. Така, скитникот работи тешки работи без да знае дека е главната ѕвезда сè додека ќерката на сопственикот не му ја каже тајната. Потоа, тој добива поголема плата и ужива повластен третман. Работите се менуваат кога во циркусот пристигнува згодниот акробат Рекс (Крокер) во кого се вљубува ќерката на сопственикот…
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
ХОДОЧАСНИК (The Pilgrim) Игран филм, САД 1923, 47 мин., црно-бел. ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Мирна Кенеди, Ал Ернест Гарсија, Хенри Бергман, Хари Крокер (Merna Kennedy, Al Ernest Garcia, Henry Bergman, Harry Crocker)
*Во познатата улога на Скитникот, Чаплин ќе избега од затвор облечен како поп. Во блиското гратче Ѓаволски ров (Девилс Галч) жителите нема да се посомневаат дека тој е свештено лице. Кога шерифот, по низа перипетии ќе открие дека Скитникот е всушност избеган осуденик, ќе го донесе до границата со Мексико, ќе го пушти на слобода, но и ќе му понуди две опции. Ако се врати во САД, тоа ќе биде како затвореник, бидејќи веднаш ќе биде уапсен. А, ако реши да бега во Мексико, ќе мора да се соочи со мексиканските банди и нивните меѓусебни препукувања.
18 ЈУЛИ (САБОТА), 21:00 Ч. СВЕТЛИНИТЕ НА ВЕЛЕГРАДОТ (City Lights) Игран филм, САД 1931, 87 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Вирџинија Черил, Флоренс Ли, Хари Мајерс (Charlie Chaplin, Virginia Cherrill, Florence Lee, Harry Myers)
*Скитникот (Чаплин), скитајќи низ градот, наидува на слепа девојка (Черил) која продава цвеќиња за да се прехрани себеси и својата баба (Ли). Со последната паричка тој купува еден цвет, а девојката си помислува дека се работи за некој убав и богат господин. Подоцна, скитникот случајно се среќава со пијаниот ексцентричен милионер (Маерс) кој сака да изврши самоубиство затоа што го напуштила сопругата. Скитникот го спречува во намерата и милионерот го прифаќа како свој најдобар пријател. Меѓутоа, проблемот се состои во тоа што откако ќе се отрезни милионерот воопшто не се сеќава на скитникот.
Во меѓувреме, скитникот ја посетува девојката и таму дознава дека таа ќе биде присилно избркана од куќата ако не ја плати киријата. Истовремено, тој дознава дека некој познат лекар во Виена открил лек за слепилото, па затоа, скитникот ѝ ветува на девојката дека ќе обезбеди пари за киријата и за операцијата на очите.
За таа цел, тој најпрвин се вработува како чистач на улиците, а еднаш се пријавува и да боксува за пари, меѓутоа ја губи борбата против посилниот противник. За среќа, тој повторно се среќава со милионерот, кој го кани скитникот во својот дом и таму му ги дава парите потребни за операцијата на девојката. Но, во домот на милионерот упаѓаат криминалци, кои го онесвестуваат милионерот. Скитникот повикува полиција, но слугата го обвинува него за кражба, па завршува в затвор.
По излегувањето на слобода, тој скита низ градот и случајно застанува до излогот на една цвеќарница. Сопственичка на цвеќарницата е девојката, која повеќе не е слепа, но дали ќе го препознае човекот кој цело време ѝ помагал…
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
20 ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 Ч. ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР (The Great Dictator) Игран филм, САД 1940, 125 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарлс Чарли Чаплин (Charles Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Полет Годар, Реџиналд Гардинер, Хенри Дениел (Charlie Chaplin, Paulette Goddard, Reginald Gardiner, Henry Daniell)
*За време на Првата светска војна, еден сиромашен еврејски бербер (го игра Чаплин) служи како обичен војник во војската на Томанија. Тој спасува еден пилот, Шулц (го игра Гардинер) на томанската авијација, но притоа ја повредува главата, поради што го губи сеќавањето. По војната, во Томанија доаѓа на власт диктаторот Аденоид Хинкел (го игра Чаплин), кој обожува големи и потресни говори, иако во суштина се работи за многу несигурен и плашлив човек. По излегувањето од болницата, берберот повторно започнува да работи во својот дуќан што се наоѓа во еврејската населба. Додека војниците на Хинкел го обележуваат неговиот дуќан како еврејски, тој започнува тепачка со нив, при што му помага убавата, сиромашна Хана (ја игра Годар). Неволјите на берберот со војниците продолжуваат и понатаму…
Диктаторот сака да ја финансира својата финансира својата армија со помош на еврејскиот банкар Херман Епштајн, но Епштајн одбива да му помогне поради теророт што го врши режимот на Хинкел врз еврејското население. Затоа Хинкел наредува уништување на еврејската населба, а Шулц паѓа во немилост кај диктаторот, зашто одбива да ја уништи населбата. Армијата започнува голем претрес и ги затвора Шулц и берберот, додека Хана и нејзините блиски пријатели успеваат да избегаат во соседната земја Остерич. За тоа време се заоструваат односите меѓу Томанија и Бактерија, којашто ја распоредила својата војска на границата со Остерич. Шулц и берберот успеваат да избегаат од затворот, облечени во офицерски униформи, а војската започнува потрага по нив. По грешка, таа го апси диктаторот Хинкел, кој во близината лови патки, а свечено го пречекува берберот, мислејќи дека се работи за диктаторот. Тогаш, војската на Томанија влегува во соседната земја Остерич, каде народот им приредува воодушевен пречек…
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
21 ЈУЛИ (ВТОРНИК), 21:00 Ч. ГОСПОДИН ВЕРДУ (Monsieur Verdoux) Игран филм, САД 1947, 124 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин, Орсон Велс (Charlie Chaplin, Orson Welles)
Улоги: Чарли Чаплин, Меди Корел, Алисон Родан, Роберт Луис (Charlie Chaplin, Mady Correll, Allison Roddan, Robert Lewis)
*Насловниот лик, господинот Верду, е измамник кој се жени со ситуирани жени, а потоа ги убива за да ги добие парите што му се потребни за неговото семејство. Но, со две дами има лоша среќа…
ГОСПОДИН ВЕРДУ е втор голем звучен филм на Чарли Чаплин и сигурно најконтроверзен филм во неговиот голем опус. Сценариото што претставува необична мешавина од драмскиот, криминалистичкиот и жанрот на црната комедија е пишувано според идејата на Орсон Велс, друга икона на светската кинематографија од средината на минатиот век.
ГОСПОДИН ВЕРДУ е пресвртница во творештвото на Чаплин бидејќи во овој филм тој за прв пат сериозно се оддалечува од неговиот стандарден лик на скитник, кој го градел цели три децении.
Филмот наишол на поделени реакции во американската јавност, посебно неговиот крај, во кој Чаплин го поставува прашањето зошто некој што убил неколку жени е убиец, а генералите, политичарите и трговците со оружје што во војните убиваат милиони луѓе се третираат како херои и историски личности.
Набргу по овој филм започнува антикомунистичката хистерија во САД, Чаплин е осомничен дека е левичар, и му е забранет влез во земјата бидејќи немал американско државјанство.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари
22 ЈУЛИ (СРЕДА), 21:00 Ч. КРАЛ ВО ЊУЈОРК (A King In New York) Игран филм, В. Британија 1957, 105 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Максин Одли, Џери Дезмонд (Charlie Chaplin, Maxine Audley, Jerry Desmonde)
*Неодамна соборениот монарх од една европска земја, кралот Шахдов, бегајќи од револуцијата во татковината бара засолниште во Њујорк. Тој е банкротиран поранешен владетел, но случајно станува славна телевизиска личност. За да заработи пари, работи на ТВ, прави реклами, но по грешка одеднаш е осомничен дека и самиот е комунист, иако бил соборен токму од комунистичката револуција во неговата земја. Затоа мора да оди на сослушување на антикомунистичката комисија на сенаторот Мекарти, познатиот „ловец на комунистички вештерки“ во САД по Втората светска војна.
КРАЛ ВО ЊУЈОРК е првиот филм во доцната творечка фаза на Чаплин надвор од САД, со кој тој на извесен начин се пресметува со американската демократија низ неговиот сатиричен поглед. Чаплин одбивал да земе американско државјанство, и кога во 1952 заминал на патување надвор од САД, му било одбиено барањето да му се продолжи престојот. Чаплин живеел во Швајцарија и цели две децении не доаѓал во САД, сè до 1971, кога во Холивуд ја примил почесната награда на Американската филмска академија за животно дело во филмот.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
23 ЈУЛИ (ЧЕТВРТОК), 21:00 Ч. СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА (Limelight) Игран филм, САД 1952, 137 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Клер Блум, Најџел Брус, Бастер Китон (Charlie Chaplin, Claire Bloom, Nigel Bruce, Buster Keaton)
*Последниот американски филм на Чаплин ја раскажува приказната за еден комичар во мјузикли, чија слава и кариера полека избледуваат, и за еден балетски танчер со самоубиствени мисли. Обајцата мораат да се потпомогнат меѓусебно за да најдат цел и надеж во нивните животи…
Главен момент во филмот е класичниот дует на Чаплин со неговиот единствен вистински ривал во филмската комедија – Бастер Китон. СВЕТЛИНИТЕ НА СЦЕНАТА е нивното заедничко простување од ерата на немиот филм, пантомимата и комичните филмови во кои остварија величествени кариери и успеси.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
24 ЈУЛИ (ПЕТОК), 21:00 Ч. ДЕТЕТО (The Kid) Игран филм, САД 1921, 68 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Една Первианс, Џеки Куган (Charlie Chaplin, Edna Purviance, Jackie Coogan)
*Една жена (Пурвианс) се породува и бебето го остава во автомобилот пред една богата куќа. Двајца крадци го крадат автомобилот, а потоа, кога го забележуваат бебето, го оставаат на улица. Еден скитник (Чаплин) случајно поминува тука и го наоѓа бебето. Најпрвин, тој се обидува да се ослободи од бебето, но притиснат од полицаецот, на крајот е принуден да го земе бебето дома и да се грижи за него. Во меѓувреме, мајката на бебето станува голема ѕвезда, која одвреме-навреме им помага на сиромашните. Еднаш, таа доаѓа во сиромашниот кварт и таму го среќава својот син, не претпоставувајќи дека се работи за нејзиното дете.
Скитникот му кажува на лекарот како го пронашол детето и му ја покажува хартијата со пораката на мајката на детето во која таа замолува за нега на бебето. Лекарот пријавува во социјалната служба и во домот на скитникот доаѓаат социјалните работници, кои сакаат да го однесат детето во домот за сираци. Скитникот со сета сила се бори со нив и со полицаецот и успева да го земе детето, но не смее да се врати дома. Мајката на детето повторно доаѓа во сиромашниот кварт и таму го среќава лекарот, кој ѝ ја покажува белешката што ја напишала таа. Преспиваат во едно евтино преноќиште, каде што сопственикот дознава од весникот за изгубеното дете. Ноќта, тој го грабнува детето и го носи во полициската станица, а утредента доаѓа мајката за да си го земе. Очајниот скитник доаѓа пред својот дом и заспива на тротоарот, сонувајќи дека е во рајот. Тогаш, него го буди полицаецот и го носи во куќата на мајката на детето…
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
25 ЈУЛИ (САБОТА), 21:00 Ч. МОДЕРНИ ВРЕМИЊА (Modern Times) Игран филм, САД 1936, 87 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Сценарио: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Полет Годар, Хенри Бергман (Charlie Chaplin, Paulette Goddard, Henry Bergman)
*Еден фабрички работник (Чаплин) никако не може да го фати ритамот на производната лента. Темпото на работата е убиствено, а директорот (Гарсија) ги надгледува сите работници, со цел да ја зголеми продуктивноста. Не можејќи да го издржи притисокот, работникот полудува. По излегувањето од болницата, тој случајно се наоѓа меѓу демонстранти и по грешка ќе биде уапсен.
Во затворот, сосема случајно, тој успева да го спречи бунтот на затворениците и да ги спаси полицајците, по што ужива посебен третман таму. Набргу, него го ослободуваат и му даваат препорака со која може лесно да најде работа. Најпрвин, тој се пријавува во бродоградилиштето, кое веднаш го напушта, предизвикувајќи голема штета. Не можејќи да се снајде во цивилниот живот, тој прави сè да се врати во затворот. Се пријавува себеси како крадец, со намера да ја спаси сиромашната девојка (Годар), која постанала бездомник откако нејзиниот татко бил убиен.
Двајцата се уапсени, но успеваат да избегаат од полициското возило. Се вселуваат во напуштена колиба, со намера да најдат работа и да основаат семејство. Скитникот повторно се вработува во фабриката, но за време на штрајкот случајно повредува еден полицаец, така што повторно е уапсен и затворен. Девојката, пак, успева да најде работа како танчарка во една кафеана, а по излегувањето од затворот, таму се вработува и фабричкиот работник. Меѓутоа, во кафеаната доаѓаат полициските детективи, кои имаат налог да ја уапсат девојката…
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
27 ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 Ч. ЗЛАТНА ГРОЗНИЦА (The Gold Rush) 1925, 95 мин. Игран филм, САД 1925, 95 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin) Улоги: Чарли Чаплин (Charlie Chaplin)
Улоги: Чарли Чаплин, Мек Свејн, Том Мари, Џорџа Хеjl (Charles Chaplin, Mack Swain, Tom Murry, Georgia Hale)
*Скитникот Чарли заминува да бара злато во познатиот центар Клондајк. Условите се ужасни, нема никакви удобности, но нема ни доволно храна за него и за другите авантуристи кои дошле во потрага по злато и богатење. За Божиќ, наместо мисирка, Скитникот и Големиот Џим Меккеј ќе подготват – зготвен чевел. Подоцна, во градската кафеана, Чарли ја среќава убавата Џорџија, но во додворувањето ќе има опасна конкуренција. Истовремено, додека тој се обидува да ја придобие дамата, неговиот пријател Големиот Џим е нападнат и ограбен од криминалец кого полицијата го бара под дрво и камен. Откако Големиот Џим ќе си ја поврати свеста, ќе го најде Скитникот во салонот и двајцата заминуваат во потрага по злато. Златото ќе ги направи богати и со тоа сите нивни проблеми ќе исчезнат.
Подоцна, кога пловат накај дома, сега веќе богати, Скитникот Чарли е сигурен дека Џорџија ќе падне под неговиот шарм.