Втората, претпоследна и жолчна дебата во пресрет на претседателските избори во САД, меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп се одржа синоќа во Сент Луис. Дебатата почна со провокација и продолжи во тој тон. Многу лични напади, упаѓање во збор, но изостанаа конкретните одговори на разни теми и од двата кандидати.
Уште на почетокот, дебатата се претвори во расправа за сексуалната агресија на Трамп кон жените. „Вашингтон пост“ минатата недела објави приватен разговор на Трамп од пред неколку години, во кој тој раскажува како допирал некоја жена и се обидувал да ја одведе во кревет. Трамп, синоќа рече дека му е непријатно поради изјавата, но дека станува збор за „машки разговори од соблекувална“.
Тој нагласи дека однесувањето на поранешниот претседател Бил Клинтон кон жените било многу полошо од неговото.
– Кај мене се работи за зборови, а кај него за дела, посочи Трамп. Го чувме како ги вреѓа жените. Слушнавме како жените, според нивниот физички изглед ги распоредува во категории од еден до десет, истакна Хилари Клинтон.
Клинтон истакна дека, како и сите други и таа во последните 48 часа размислувала за клипот со Трамп.
– Со претходните претседателски кандидати имав несогласувања со нивната политика и принципи, но никогаш не сум се нашла во ситуација да размислувам дали се достојни да бидат претседател и врховен командант – порача кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон.
Трамп не остана должен и го отвори прашањето за скандалот на Хилари Клинтон, повртзан со приватниот сервер и со уништувањето на 33.000 мејлови.
– Мислев дека ова нема да го кажам, но морам и мразам што ќе го кажам: Ако победам, ќе му наложам на својот државен обвинител да именува посебен обвинител да ги погледне сите факти поврзани со Хилари, затоа што никогаш немало толку лаги, толку измами – рече Трамп.
Клинтон на тоа возврати дека сè што кажа Трамп е лага, но оти тоа воопшто не ја зачудува.
– На мојата интернет-страница можете да ги проверите работите кои Доналд го изговара. За време на правата дебата, милиони луѓе ја искористиле таа можност и, да бидам искрена, се надевам дека некој со темперамент како тој на Доналд Трамп нема да има власт кога станува збор за закони на оваа земја – рече Клинтон, на што Трамп додаде: „Затоа што ти би била в затвор“.
Што се однесува до електронската пошта на Клинтон и користењето на приватниот меил додека била државен секретар, таа истакна дека тоа било грешка, но нагласи дека никаков доверлив материјал поради тоа не завршил во погрешни раце. Добро е што некој со темперамент како на Доналд Трамп не е задолжен за спроведувањето на законот во нашата земја, рече Клинтон, на што Трамп одговори: Затоа што би биле во затвор.
Двајцата кандидати остро се судрија и во поглед на ситуацијата во Сирија, здравственото осигурување и енергетската политика.Неодамна беше објавено дека републиканскиот кандидат за Белата куќа на легален начин, можеби, избегнувал да плаќа данок цели 18 години, на што Трамп одговори дека „брилијантно ги користел“ американските даночни закони со цел да го намали износот на данокот кој морал да го плати и додаде дека тоа му помогнало да го преживее тешкиот период на пазаорот со недвижнини.
По 90 минути ниски удари и напади, Клинтон и Трамп, сепак, рекоа и по некој убав збор еден за друг.
Дебатата беше одржана на начин што дел од прашањата ги поставуваа модератори, а дел публиката. Кандидатите можеа слободно да се движат по сцената и да се обраќаат диркетно на оние кои ги поставуваа прашањата.