Клисурата Демир Капија 6 децении е споменик на природата, но нема никаква заштита

Сподели

 

Клисурата Демир Капија повеќе од шеесет години е споменик на природата, но во овој период ниту еднаш не бил донесен ниту план за управување, ниту, пак бил определен управувач. Граѓанската организација „Еко свест“ отпочнува иницијатива за репрогласување на овој локалитет како споменик на природата од трета категорија, исто како и Матка, според новиот закон за природа, за да можат богатиот биодиверзитет како и културното наследство на Демир Капија да добијат вистинска заштита.

Демиркаписката клисура е еден од најбогатите резервати во Европа по застапеност на ретки грабливи птици како белоглавиот и египетскиот мршојадец, златниот орел, орелот змијар, разни соколи, како и други ретки видови птици. Локалитетот изобилува и со многу ретки и ендемични видови растенија, тука се наоѓа и долината на кактусите, платанот кој е заштитен со Законот за шуми како природна реткост, дивата фоја и други.

„Демир Капија е прогласена за споменик на природата во 1960 година, но досега речиси ништо не е направено да се заштитат огромните вредности. Тоа е Емералд и идно Натура подрачје како и IBA подрачје, значајно за птиците. Аргументите зошто треба да има активна заштита се многу, заради што ние ќе поведеме постапка за репрогласување“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Демиркаписка Клисура е најмаркантната клисура на реката Вардар, долга повеќе од 19 километри. Нејзините страни се високи и над 500 метри и многу стрмни, на некои места речиси вертикални.

Митревски вели дека веќе е почнат процесот на барање донатори кои ќе финансираат изработка на нова Студија за ревалоризација. Таа може да опфати и промена на територијата на заштита врз основа на новите сознанија за областа кои сега се на располагање, а заедно со клисурата заштита во овој дел од течението може да добие и дел од Вардар.

„Нашата најголема река и национална гордост, не е заштитена никако, во текот на целото свое течение низ земјава, што е недозволиво“, вели Митревски и додава дека во моментов во тек се и разговори со локалните власти во Демир Капија како потенцијален управувач со заштитеното подрачје, како и со граѓаните, производителите на вино, земјоделците, алпинистичките друштва и организациите кои ги проучуваат птиците и оние кои организираат алтернативен туризам.

„Правиме заедничка мрежа во која заедно ги испитуваме вредностите на Демир Капија, ги утврдуваме модалитетите на соработка во интерес на сите локални чинители кои треба да се двигател на овој процес. Дискутираме и со Министерството, до каде ќе треба да го доставиме барањето за репрогласување на Демир Капија како споменик на природата“, објаснува Митревски.

Освен Демиркаписката клисура, во овој дел од земјата постојат и други многу важни локалитети кои немаат вистинска заштита. Тоа се, на пример, Негорските бањи, Паљурци, еолските песоци, односно островите во Вардар кај Валандово, целиот долен тек на Вардар како IBA подрачје… Тоа, сметаат во „Еко свест“ значи дека целиот долен тек на Вардар како био-коридор треба целосно да се заштити, не само заради хидроцентралите планирани со Варадарска долина, туку и заради најавени рударски активности.

„Во времето кога имаме таргет колкав процент од територијата на земјата треба да биде заштитена треба да расчистиме дали и Демир Капија влегува во овие бројки. Бидејќи хартијата не значи активна заштита, без план и управувач“, вели Митревски.