Барања од граѓанскиот сектор за унапредување на состојбите во областа на економијата и социјална држава, потпишаа денеска претставниците на повеќе политички партии, со што се обврзуваат доколку дојдат на власт на 11 декември да ги прифатат и помогнат во нивно имплементирање.
Потписници на барањата се Зоран Заев од СДСМ и Коалицијата За живот во Македонија, Лилјана Попоска од ДОМ, Стојанче Ангелов од Достоинство и Коалицијата ВМРО За Македонија, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Шапуриќ од ЛДП и Драгана Букилица од Демократски сојуз и Коалицијата За промени и правда.
Потпишаните барања се формирани преку инклузивен пристап од граѓански организации и индивидуии во рамки на проектот „Градење на социјална кохезија од темел-нагоре: Денот потоа“, во организацијата на фондацијата „Фридрих Еберт“.
Зоран Заев нагласи дека темите што денеска се потпишуваат се од исклучително значење за граѓаните на Македонија.
– Нашата коалиција и СДСМ се определи да склучиме сојуз со граѓаните. Како што пропишува нашиот Устав, дека сме социјална држава, да направиме чекори за решавање на сите овие социјални аспекти кои не преокупуираат сите. Она за што денеска ставаме потпис е нашето ветување за социјална држава и социјалната политика и економијата воопшто. Го даваме зборот пред сите граѓани дека ќе опстоиме на тоа на што денеска ќе дадеме свој потпис, уверени дека навистина ќе го исполниме едно од најглавните уставни начела, да создадеме социјална држава со перспективна економија, рече Заев.
Стојанче Ангелов, ја поздрави иницијативата во име на Коалицијата ВМРО За Македонија, посочувајќи дека се согласуваат со сите изнесени предлози и заклучоци и најави целосна поддршка на сите активности на невладиниот сектор по влегувањето во Собранието.
Димитар Апасиев, изјави дека Левица ја потпишува декларацијата со назнака дека секторот труд и економија е многу послабо застапен од секторот социјала и дека партијата има многу порадикална програма за тоа, но е минимумот од кој мора да стратуваат.
Зоран Шапуриќ рече дека ЛДП како дел од Коалицијата „За живот во Македонија“ активно учествувале и во програмските определби, односно утврдувањето на програмата, со цел зголемување на животниот стандард на најранливата група на граѓани.
Драгана Букилица изјави дека Коалицијата За промени и правда се отворени за соработка со граѓанските организации со цел да се надминат девијациите во системот и да создадат еднакви можности и обврсју за сите, со цел да ја видиме Македонија како правна и економски стабилна држава.
Барањата на граѓаните се групирани во неколку подобласти и тоа социјална политика, трудова политика, млади и образование од социјална држава и јавни финансии, развојна економија и квалитетно земјоделие од областа на економијата. Тие опфаќаат политики за образование и вработување на младите, социјална политика, достоинствена минимална плата, транспарентност во трошењето на јавните средства, прогресивно оданочување и развојно и квалитетно земјоделство.
извор: а1он.мк