Органската козметика е во подем насекаде низ светот. Дали знаете дека вашите препарати за убавина може да ви наштетат и вам и на животната средина? Од средствата пилинг на лице до кармините, од продуктите за нега на кожата до козметиката за лице – сите тие содржат опасни состојки кои можат да го загрозат вашето здравје, да предизвикаат загадување на животната средина, да убиваат растенија и животни.
Индустриската козметика е полна со хемикалии, парабени, адитиви, токсини и метали кои нанесувајќи ги на кожата, директно се апсорбираат во крвотокот и прават буквално р’шум низ цел организам. Дополнително, водата со која се миеме со индустриски произведени средства за нега и хигиена, оди во почвата и се спроведува кон сите растенија, па така токсините, тешките метали и отрови ги распределуваме кон сѐ што од неа расте и кон атмосферската обвивка и сведочиме за нарушениот систем за самоодржливост на планетата земја со сите природни катастрофи и болештии на XXI век.
На пример сте слушнале ли за микротопчињата (micobeads). Тоа се мали топчиња, помали од 5 мм во дијаметар, кои се користат во производите за лична хигиена, како на пример пилинзи за лице или пастите за заби. Најчесто тие се прават од полиетилен, но некогаш е добиваат од други петрохемиски деривати, како полистирен и полипропилен. Овие малечки, наизглед безначајни топчиња имаат огромно влијание врз целокупната животна средина, а што останува за еден човечки организам.
Исто така хемиските супстанци кои се користат во шминките и другата козметика не се распаѓаат. Тие се акумулираат во нашите тела и во светскиот еко систем, полека труејќи не нас самите и нашата планета. Има голем број такви состојки, а една од нив е БХА и БХТ, тоа се синтетички антиоксиданси кои се користат за конзервирање. Може да се најдат во кармините и млеката за тела, а научните истражувања докажале дека убиваат риби и школки и предизвикуваат мутации кај водоземците. Или Диетханоламине (ДЕА) кој е ПХ прилагодувач и се наоѓа во речиси секој производ за лична хигиена. ДЕА реагира со нитратите да за креира нитросамини, кои, пак се високо канцерогени за животните и луѓето.
Со растење на сознанијата од штетноста од индустриската козметика, се отвара пат за природната, органска и жива козметика. „Една прави“ е социјално претпријатие за производство и продажба на природна и органска, рачно изработена козметика. Вработените се едуцирани, стручни или обучени сингл мајки кои се дел и од „Една може“ единствената активна, граѓанска организација за унапредување на правата на еднородителски семејства во РМ. Дел од профитот на претпријатието „Една прави“ оди директно во организацијата „Една може“.
Дел од производите се создадени од неискористените убавини од нашите планински билки и диви полиња. Дел се создадени од сертифицирани суровини кои ги набавуваме од Soil association, водечко сертификационо тело од Велика Британија, па со ова сме на рамна нога со квалитетот со производители како L’occitane.
Природни, ладно цедени масла, мацерати од билки и чисти путери, органски восок и пчелини деривати, инфузии од овошки, житарки, зачини и природна глина се водечки состојки на нашите производи. „Една прави“ производите се self-preserving или со природни конзерванси како мед и сол, значи немаат синтетички конзерванси, а сепак нивните формули се избалансирани на начин на кој се заштитуваат од бактерии и расипување.
Палетата на производи ја започнавме со мелем од мацерати од диви билки и пчелин восок, по рецепт на мојата баба, а нејзе пак од нејзината баба и бил оставен. Мелемот е за третман на оштетена кожа, за удрени места на палави дечиња, ранички, декубитиси, изгореници, за тврда и рапава кожа и за луксузна нега на здрава кожа. Потоа приклучивме природни сапуни од маслиново масло, а изродивме над десетина сапуни за секакви намени, за лице, за тело, за стапала, за интимна нега, за дечиња, за ексфолиација, за чуствителна кожа, за циркулација, против инфекции, антистрес, антифунгални, за честа употреба, за коса… Имаме лип балсами од пчелин восок, кокосов путер и мацерати од диви цвеќиња. Природни пилинзи и сол за капење, масни, од мед, од морска сол, од живи овошки што ги нудиме на мерење. Бебешко органско масло за нега на бебешка и детска кожа и најженскиот путер во најчиста форма-органски ши путер кој е безбеден за употреба и кај новороденчиња, но е и број еден производ за здрава убавина на кожа. Какао путер, неприкосновен антиоксиданс, регенерира и спречува стареење, лекува лузни а во летните денови е препорачлив и за кожа и за коса.
Нудиме неспакувани производи за да ја намалиме потрошувачката на хартија и пластика, а она кое го пакуваме, се трудиме да е од материјали кои можат да се рециклираат или реупотребуваат.
Дополнително, кога не сме во можност да не ги пакуваме производите, ги мотивираме клиентите да ги реупотребуваат паковањата со тоа што за секои 5 вратени испразнети пакувања, следува 10% попуст на пазарењето при кое ќе ги приложат паковките.
Дизајните на брендот „Една прави“ се создадени од креативните рачиња на нашите дечиња, а до ниво на краен концепт ги доведоа дечките од „Брендер“. И дечињата и дизајнерите на “Брендер”, ни направија визуелизација за која добиваме пофалби каде и да се појавиме во светот.
„Една прави“ се залага за здрав и свесен начин на нега и хигиена, но исто така и за воспоставување на нови стандарди во работните односи, посебно во третманот на членови/членки од еднородителски семејства. Сите производи се рачно изработени токму од сингл мајки. Развиваме иновативна мрежа за продажба и сега ги покануваме сите заинтересирани сингл мајки, со вештини за продажба, да ни се приклучат и да ја шириме заедно визијата за еколошки, самоодржлив и рамноправен свет, преку „Една прави“.
Грижата за животната средина и рамноправност и легитимитет на сечија индивидуалност за секој/а еден/на граѓанин/ка, се постулати на кои се изградени „Една може“ и „Една прави“, а нашите дела се кохезија на умеење, искуство, емотивна зрелост, интелект, отвореност за усовршување, свесност за силните и слаби страни и секако, една може и една прави зошто една љуби.
Дороти Пачкова,
претседателка, управителка