Да се опише нашето десетгодишно националистичко лудило, да се деконструира „идеопоклонството кон крвта и земјата“ /Ерих Фром/, да се предаде со зборови тој неверојатен амалгам од кошмарен сон и сирова реалност, од комитски чети и античкомакедонски фаланги, од позлатени ентериери и смрдливи контејнери, од идеализирани црквни икони и приземен морал, од фиктивни „жолти комбиња“ и реални прескапи мерцедеси, од колективно слепило и „Мајбах“ наочари, од масовна социјална помош и милионски тендери на слугите на власта…, е тешко, мачно, дегутантно, напорно, неблагородно… Скоро неизводливо.
Ама сепак….
Наликуваше нашата македонска стварност во изминатите десеттина години на карневал во рамки на некаква голема лудница. Се проповедаше национализам на научна претпоставка, се измислуваа нови национални херои, се броеја комитските крвни зрнца и се правеа ДНК анализи за да се докаже античкото потекло на современите Македонци. Животот веќе немаше никаква смисла надвор од портокаловиот луд карневал. И додека медиумите бесконечно досадно го пренесуваа несфатливото бладање на „началниците“ и портокаловите манипулатори, дел од луѓето навистина поверуваа на нивната националшовинистичката реторика, поверуваа на небулозите за „жолти комбиња“ и „странски служби“ од портокаловите главешини, па се претворија во портокалови фанатици со ѕверски погледи.
Едноставно, самоубиственото, по нацијата и државата, урлање и брмчење на интелектуално-моралните монструми, дел од луѓето го толкуваа како генијална инспирација на генијалните аналитичари, политичари и јасновидци. Дијаболизираниот кретенизам и волчји антикомунизам од ванчомихајловистичкиот период сега беше претворен во националистички идиотизам кој, пак, предизвикуваше десет долги години колективни фантазмогории, во кои се измешале стварноста и големодржавните соништа, доброто и лошото, правдата и неправдата, чесноста и криминалот, македонизмот и врховизмот… И токму заради ваквите, скоро општонародни, халуцинации, како нормална појава во медиумите се сметаше силувањето на логиката, здравата памет, пристојноста и добриот вкус.
Профетската кратковидост на нашите националшовинистички владеачи и нивни полуписмени следбеници произведуваше и произведува несреќи, епохални глупости, баснословни кражби, енормни задолжувања, осакатено образование, кич култура, дилетантско здравство… Добро се знае дека оваа кратковидост произлегуваше од нивната заглавеност во вулгарниот хедонизам, кој им извираше од позициите на неограничена власт, но, сосема природно, токму таа кратковидост ги оневозможуваше да видат подалеку од својот сопствен нос и им оневозможуваше да отворат перспективи за македонски просперитет. Нивната кратковидост, најчесто, ја правеше нивната националистичка визија површна, оптоварена со предрасуди и целосно погрешна. Затоа, овие наши политички слепци кои се извежбани врз недемократската традиција на нивните историски идоли од меѓу двете големи војни, секоја добронамерна критика ја гледаа како закана, како вознемирувачки исказ или како навредливо предупредување. Сакам да кажам дека нивната кусогледост, нивно ретроградно однесување и нивното приглупо поимање на нештата, оневозможуваше и оневозможува нацијата да го препознае и прифати она што е културно и цивилизациски вредно. Наместо тоа, тие креираа една колективна националистичка фантазмогорија и на таков начин ја туркаа државата и нацијата, во некој вид самоубиствено егзистирање од денес за утре. И затоа, ако сакаме да преживееме, тоа е она што мора час поскоро да се промени и спречи!