Поранешниот британски амбасадор во ЕУ, Иван Роџерс изјави дека Брегзит ќе чини 51 милијарда фунти (околу 60 милијарди евра) и дека за излeгувањето на Британија од ЕУ, ќе треба повеќе време од планираните две години. Иван Роџерс смета дека процесот на Брегзит ќе трае најмалку до 2020 година, но може да продолжи и понатаму.
Според Меј и нејзините министри, посебно оние кои силно заговараат излегување од ЕУ, процесот на раздружување меѓу Лондон и Брисел би почнал во текот на идниот месец и би траел две години, до пролетта 2019 година.
Овој британски дипломат ги обвини британските про-Брегзит политичари за „нездраво втемелени аргументи“ околу излегувањето од ЕУ и за пласирање во домашната јавност на „неточни податоци за Унијата“.
Роџерс се појави како сведок пред парламентарната комисија за ЕУ, каде призна дека тој го изготвил материјалот за премиерот Меј, во кој ја предупредува на последиците од Брегзит, но инсистира дека тој не дозволил неговата содржина да се појави во медиумите.
Тој смета дека Британија не ќе може да си дозволи да одбие да ги плати сметките за своето излегување од ЕУ, без за тоа да има постигнато согласност со Брисел.
Според неговите проценки, британското напуштање на Унијата ќе претставува „подметната бомба за буџетот на ЕУ“ посебно за тековниот седумгодишен период, затоа што тоа ќе ги чини посиромашните земји членки, 12 отсто од сегашната структура на средствата што ги примаат од Брисел.
Британскиот дипломат смета дека тоа ќе предизвика екстра трошоци за Германија и Франција, пред се, кои ќе мора да го покријат кусокот, пред, за следниот буџетски период се прави поинаков распоред на давачките за разните фондови.
Доскорешнот амбасадор во ЕУ Иван Роџерс открива дека во текот на преговорите за Брегзит, ЕУ ќе побара од Британија да плати за пензиите на сите британски функционери кои во изминатите повеќе од четири децении работеле во Брисел.