Колку се мразеше во Македонија во 2023 година – Сеад Џигал 

Сподели

Неефикасното спроведување на законите и бројните прекршувања во медиумите придонесуваат за ширење на нетолеранцијата и поларизацијата, загрозувајќи ја општествената стабилност и кохезија.

Анализата што ја спроведе ИКС за случаите на говор на омраза во земјава за 2023 година ја потврдува комплексноста на оваа тематика, честото користење на омразата во политички цели, како и бројни злоупотреби  на слободата на говор на социјалните мрежи.

Засилувањето на отпорноста кон случаи на омраза бара сеопфатен и соработнички пристап кој вклучува повеќе институции, сектори, како и граѓанското општество како еден од клучните чинители. Борбата против овие штетни појави треба пред сѐ да се фокусира на идентификација, санкционирање и сузбивање на говорот на омраза со цел да се спречи развивањето на т.н. култура на омраза и нетолеранција.

Таа, исто така, треба да ја спречи широката употреба на дискриминаторски наративи за политички цели. Доминантниот модел во јавните употреби на говорот на омраза ги користи медиумите и социјалните мрежи како инструменти за пирока дисперзија на овие содржини со цел да предизвика политичка, идеолошка или меѓуетничка конфронтација преку поткопување на толеранцијата и социјалната кохезија, но и на институциите како столбови на општеството.

Главни видови на говор на омраза во Македонија

Според истражувањето на ИКС спроведено во рамки на Мрежата за разновидност 2.0, во 2023 година во Македонија беа идентификувани вкупно 34 влијателни случаи на содржина со омраза и дискриминација. Според регистрираниот досег во јавноста и ангажираноста на публиката, тие имаа значително влијание предизвикувајќи бројни коментари, дебати и реакции. Најголем број регистрирани случаи се содржини со омраза во случаи на сексизам, вклучувајќи сексуално вознемирување и мизогинија (32%), омраза на етничка основа (30%) и напади на политичка или идеолошка основа (14,5%).

Во прегледот на целните групи беше откриено дека 26,4% случаи се против различни етнички групи (албанска или ромска етничка припадност), 20,5% се против ЛГБТ заедницата, 17,6% се насочени кон политички противници и 9% на родова основа.

Во однос на изворот на нападите, најзастапени биле приватни лица со 58%, потоа 8,7% биле политичари или претставници на политички партии, 5,8% биле новинари или медиумски работници и инфлуенсери со 17,6%. Последната бројка претставува двојно зголемување како извор на содржина со омраза во споредба со извештајот од претходната година.

Вообичаените канали за ширење на регистрирана содржина со омраза или дискриминација беа социјалните медиуми, онлајн порталите и коментарите на читателите. Во многу случаи, зад овие напади стојат идентификувани корисници на социјалните медиуми, но  имаше и случаи на анонимни корисници кои објавуваат говор со омраза.

Извор: prizma.mk

Бројот на овие случаи се зголемува за време на периоди на значајни општествено-политички настани во земјата, како што се избори, инциденти, изјави на политичари или онлајн инфлуенсери, масовни протести и други важни настани. Заклучно, содржината со омраза и дискриминација се објавуваше и се ширеше на интернет, главно преку социјалните медиуми, вкупно 81,2%, потоа веб-страниците за вести, 14,5%, и 4,3% беа на телевизија.

Најчести социјални мрежи за регистрираните случаи во ова истражување беа Фејсбук и Х (поранешен Твитер), со одредени случаи на користење и на YouTube. На пример, објавата со омраза на етничка основа на Х на социјалните мрежи на Миленко Неделковски има 7,4 илјади прегледи, со бројни коментари, лајкови и споделувања кои го зголемија ширењето на пораката.

Уште една објава со омраза на меѓуетничка основа, достигна над 14.000 прегледи на социјалната платформа Х. За Македонија и нејзината публика, досегот од неколку илјади корисници, без разлика дали е на Facebook, X или YouTube, се смета за мошне влијателна содржина, која обично го привлекува вниманието на различни онлајн и електронски медиуми кои потоа повторно се објавуваат или се известува за нив како важни настани за јавноста.

Повеќето од анализираните наративи со омраза имаат едноставна структура и вклучуваат креирање на бинарни парови (НИЕ наспроти НИВ) обично засновани на идеолошка, политичка, етничка, религиска, расна основа или некоја друга спротивставеност каде се нагласени разликите меѓу групите. Сите конципирани спротивности функционираат на принципот да се посочи „Другиот“ (врз етничка припадност, нација, раса, религија, идеолошка група, сексуална ориентација итн.) и кој користи за формирање на идентитетот на групата која креира говор на омраза преку негативното контрастирање со неа.

На пример, идентификуваниот наратив за „предавници кои соработуваат со странски служби“ се користи за создавање на групен идентитет на „патриоти кои ги бранат својот народ“, или дискриминаторските наративи за „примитивните конзервативци“ се користат да се оформи групниот идентитет на „прогресивни либерали“. Судирот со дефинираното „Друго“ служи за зајакнување на групниот идентитет и лојалноста кон колективот.

Може ли да се сузбие говорот на омраза

Говорот на омраза и нетолеранцијата се користат како клучни алатки за политичка мобилизација и оформување на групни идентитети кои претендираат на одредени позиции на моќ и влијание во општеството. Покрај говорот на омраза, често се користат дискриминацијата, повиците за насилство и закани кон оние кои се конкуренти или противници на овие групации, или пак се групи со поинаков групен или културен идентитет. Континуираната неказнивост на овие прекршувања доведува до нивно ширење и своевидна „нормализација“ во политичката борба против поединци и групи со различни убедувања и мислења.

Неефикасното спроведување на законите и бројните прекршувања во медиумите придонесуваат за ширење на нетолеранцијата и поларизацијата, загрозувајќи ја општествената стабилност и кохезија.

Наративите на омраза често се прифаќаат како „легитимна алатка“ во политичките ривалства. Анализата покажува дека во практиката медиумите не го почитуваат доволно јавниот интерес и лесно се подредуваат на интересите и агендите на различни политички, економски и други групации со цел од нив да добијат различни поволности и влијание во општеството.

Ефективното решавање на сложени социјални прашања како што е говорот на омраза бара континуирани напори за подигање на свеста и информираноста на граѓаните за овие појави. Решавањето на говорот на омраза бара повеќеслоен пристап кој вклучува правни мерки, образование, професионализација на медиумите и политичка волја кај партиите.

Клучните актери не само што мораат формално да ги поддржат иницијативите против говорот на омраза, туку треба да учествуваат и во активности насочени кон спречување на креирањето и ширењето на говорот на омраза. Образованието има клучна улога во прекинувањето на толеранцијата кон говорот на омраза во јавната комуникација во Македонија. Подобрувањето на правните инструменти за борба против говорот на омраза е исто така од витално значење и процес кој треба постојано да се унапредува.

Успешното спроведување на законските мерки против говорот на омраза и нетолеранцијата зависи од соработката на клучните институции и засегнати страни, вклучувајќи ги судските органи, медиумската заедница, граѓанските организации, политичките партии, телекомуникациските оператори и образовниот сектор.

Нивната соработка во голема мера може да го олесни спроведувањето на регулативата, со што значително би се подобрила ефективноста во справувањето со случаите на омраза и дискриминација.

автор: Сеад Џигал за Рес публика