Владата на Колумбија и герилската војска на левичарското движење ФАРК постигнаа договор за примирје. Со тоа се отвора можност за потпишување на формален мировен договор, после 50 години граѓанска војна.
Колумбијците денес го слават потпишувањето на примирјето, кое се случи во средата. Во главниот град Богота, луѓето излегоа на улиците, пеејќи ја националната химна, пренесува ВВС.
На примирјето се гледа како на еден од последните чекори пред комплетен мировен договор, кој се очекува да биде потпишан во наредните неколку недели.
Најдолгиот бунт во западната хемисфера беше причина за смртта на 220000 луѓе и раселувањето на милиони.
Примирјето е завршеток на формалните мировни преговори, кои започнаа пред три години во кубанскиот главен град.
Но, сепак формално не претставува мир, кој официјално ќе биде постигнат со потпишување на мировен договор. Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, претходно изјави дека планира договорот да биде потпишан до крајот на јули.