Колумна на Сања Лукаревска: “Дин-Дин-ДИНАСТИЈА”

Сподели

 

За кори: 15 белки, 450 гр. шеќер, 150 гр. сечкани ореви и 3 лажици брашно.
За фил: 15 жолчки, 8 дл. млеко, 3 пудинзи од ванила, 6 ванилин шеќер, 200 гр. путер, 16 лажици шеќер, 100 гр. чоколадо за готвење и 2 шлага.

Ова е рецептот за популарната торта Династија во чест на истоимената американска сапуница со рок на траење колку и двата мандата на четириесетиот претседател на САД, Роналд Реган, од 1981 до 1989 година.
И додека „Династија“ ги „празнела улиците“, поранешниот холивудски актер ја скротил инфлацијата дома, и ставил крај на Студената војна потпишувајќи договор за намалување на нуклеарното оружје со советскиот лидер Горбачов и започнал да го „турка“ Берлинскиот ѕид.

Во меѓувреме, Алексис си остана змија, Кристл плачка, Фелон расипана, а Стивен „двоцевката“ се фати со Џо семката. Капиталистот со добро срце, Блејк Карингтон, го изжалија и на „кавадаречки начин“, но и во песните на Ѓорѓе Балашевиќ и на „Рокери с Мораву“ („Дин-Дин-Династија“) . Во екот на популарноста на оваа „лимонада“, тогашниот Сојуз на жените на Социјалистичка Република Македонија ќе упати барање да прекине емитувањето на „Династија“ зашто „прикажува начин на живот кој му е туѓ на социјалистичкиот самоуправен морал“. Браво. Мислам дека и Владиката Петар би рекол браво.

А ,велат, сè започнало со „прабабата на сапуниците“ – малото американско предградие „Гратчето Пејтон“. Според тогашните статистики на еден телевизор серијата ја прателе по 7 гледачи. Мислам дека денеска толку гледачи на еден телевизор, барем кај нас, би немале ист став за ништо. Ама баш за ништо.

Седумдесетите години за југословенската, а со тоа и за македонската тв публика, биле во знакот на „одмор“ од американските лимонади. Публиката ја „освежувале“ со советските „Седумнаесет мигови на пролетта“, италијанската „Сандокан“, чехословачката „Болница на крајот на улицата“, западно-германската „Клиника Шварцвалд“….. Но, осумдесетите, по смртта на Тито, американските „Далас“, а особено „Династија“ го вратиле „сјајот и бедата“ на капитализмот.

И додека улиците биле празни, а работниот народ се подготвувал за Првомајските празници, експлодирал „Ленин“. Тоа е името на четвртиот реактор во Чернобил. И сè би поминало, покриено со епизодите на „Династија“, ако лидер на СССР не бил Михаил Горбачов, поборник за гласност и демократизација на Истокот. На 26 април 1986 година, во 1 часот и 23 минути, по московско време, Чернобил „озрачил“ милиони луѓе. Благодарение на храбрите мажи и жени од Припјат, Украина, кои по цена на своите животи, катастрофалните последици за сите жители на Европа се речиси минимизирани.

Професорката Кејт Браун од Масачусетс, години подоцна, ќе изјави дека хаваријата во Чернобил ослободила 45 милиони единици радиоактивен јод. За споредба, тврди проф.Браун, Русите и Американците само во две години (1961 и 1962 г.) при надземните тестирања на нуклеарното оружје, ослободиле 20 милијарди единици радиоактивен јод. Oние седум гледачи по телевизор, продолжиле да си го гледаат „Гратчето Пејтон“. А и светот продолжил да живее и да „голта“ сапуници.

Минатата година почина Горбачов, човекот кого го нарекуваа – „најдемократски лидер во Русија“. Беше „соборен“ од Елцин кој пак, беше заборавен од Путин иако сесрдно го фаворизирал за свој наследник. Путин само заборавил да му се јави. Така е тоа. И не само таму.

Во својот последен поздрав до Горбачов, поранешната Германска канцеларка Ангела Меркел, ќе напише дека тој од корен го променил и нејзиниот живот. Токму така. Да не „паднеше“ Берлинскиот ѕид, Меркел веројатно ќе беше само уште еден професор по хемија во Источна Германија која никогаш не го видела згодниот доктор Удо.
А потоа, и „Касандра“, и „Малечката невеста“ ( не знам до каде е), и „Кога лисјата паѓаат“….. стануваат историја. Гледачите сега масовно се „закачија“ на јужнокорејските сапуници. Според филмските критичари, вратата им ја отвори оскаровскиот „Паразит“. И сега, таа К-култура како феномен е тема за полемики дури и кај политичките аналитичари.

А кога сме кај аналитичарите еве уште една тема. Многу поранешни политичари пројавија амбиција за иден Генерален секретар на НАТО откако Столтенберг најави повлекување од оваа позиција. Според најавите, следен прв човек на Алијансата би требало да биде жена. Ако уште и умее да ја направи тортата со чиј рецепт ја започнав оваа колумна, вкусот на руската салата ќе остане покриен.