Командантот на специјалната единица „Алфи“, Ивица Антевски – Пуки, и уште петмина осомничени за нечовечко апсење на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, денеска треба да дојдат на распит во Основниот суд Скопје 1.
Случајот „Тортура“ го отвори Специјалното јавно обвинителство, а првоосомничен во овој случај е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Единствено за него СЈО не бара притвор или други мерки за претпазливост со образложение дека не постои опасност од бегство, а за другите шестмина осомничени кои се вработени во Министерството за внатрешни работи поднесен е предлог за определување мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Како што соопшти СЈО, апсењето на Бошкоски го водел Мијалков, а Антевски издал наредба за начинот и реализацијата на апсењето. Другите припадници на специјалната единица употребиле прекумерна сила при апсењето на Бошкоски.
Лидерот на Обединети за Македонија беше уапсен за нелегално финансирање на изборна кампања и беше фатен како од одредено лице зема пари за финанасирање на неговата кампања.
За овој случај Бошкоски беше осуден на пет години затвор, кои веќе ги одлежа и сега е на слобода.
Бошкоски е обвинет и во случајот „Ровер“ за вмешаност во убиството на Марјан Тушевски и на Киро Јанев од 2001 година, кога беше министер за внатрешни работи.