На 26 февруари во 20:30 часот во Националната опера и балет ќе се одржи Kомеморативен концерт по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и неговите соработници. Концертот е под покровителство на Владата.
Диригент на концертот е Иван Еминовиќ, режисер на настанот е Љупка Јакимовска, а хор-мајстор е Ѓурѓица Дашиќ.
Ќе настапат солистите од Националната опера и балет: Сандра Митровска, сопран; Марика Поповиќ, мецосопран; Јаворка Витанова, солист од хорот, во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Во рамките на програмата ќе бидат изведени дела од В. А. Моцарт, Р. Леонкавало, Џ. Верди и од Р. Аврамовски.
Настанот ќе биде збогатен со видео- и со аудиосодржини, за кои се употребени материјали од архивската документација на МРТВ – документарецот „Верувам во Македонија“, како и со фото- и видеоматеријали обезбедени од Фондацијата „Борис Трајковски“.
Влезот за настанот е слободен, а билетите ќе може да се подигнат најдоцна до 26 февруари, до 17:00 часот, на билетарницата на Националната опера и балет.