По повод Денот на геноцидот врз Ромите од Втората светска војна кој се одбележува на 2 август, денеска во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Република Македонија ќе се одржи комеморација.
Денот на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна се одбележува согласно со Резолуцијата која Европскиот парламент ја усвои на 15 април 2015 година.
Настанот за сеќавање на жртвите од геноцидот го организираат министерот без ресор Музафер Бајрам, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во земјава, здружението на граѓани „Ромаверзитас“ и Ромскиот младински центар од Куманово.
Европскиот ден на геноцидот врз Ромите се одбележува на 2 август – датумот на кој во 1944 година во гасни комори биле убиени 2.897 Роми и Синти во т.н. цигански логор во Аушвиц-Биркенау во окупирана Полска. Во логорите на смртта низ цела Европа во Втората светска војна се смета дека се убиени околу половина милион Роми.