Компостирање на оризовата слама одбрана од аерозагадувањето во Кочанско

Сподели

 

По предизвиканите пожари на стрништа со остатоците на оризовите полиња, кога густ чад зафати повеќе села во Кочанско, Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани стартуваше со акција на собирање на сламата од полињата.

Планирано е сламата потоа да се носи и складира во пречистителната станица каде ќе се компостира (најстар и најприроден начин на рециклирање на органската материја). За таа цел, јавното претпртијатие почна да склучува договори со земјоделците за влегување на тешката механизација во нивните ниви. Се планира складирање на околу 60 илјади бали слама, додека дневно ќе се собираат по околу 17 кубни метри тиња.

На крај од активностите, се очекува производство на 26 кубни метри компост. Метанот, што испарува со компостирањето, ќе послужи за затоплување и производство на електрична енергија, најавуваат од Комуналното јавно претпртијатие „Водовод“ од Кочани.

Ова е најавена мерка за борба против загадувањето на воздухот, со цел спречување на палењето. Се работи за значајна количина на слама, која поради влагата, не гори сосема, туку чади и со денови го загадува кочанскиот регион.

Годишно се произведува огрмона количина на слама, од близу 20 тони. Само 8,5 тони се користи од сточарите, остатокот завршува како биомаса, која главно се пали и покрај забраната. До сега во регионот никој не одговарал за палење на стрништа.

Инаку, Кочани изутрината беше најзагадениот град, според поставените мерни станици. Општината Кочани најави дека ќе ангажира фирма, која по нивни потреби ќе го мери квалитетот на амбиенталниот воздух.

-Ние како локална самопуправа предвидовме средства за избор на најповолен понудувач на фимра која ќе врши по наша потреба мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Нешто што никогаш не било, од оваа зима ќе го имате на располагање. И таму, каде што ќе имаме вакви сознанија, вакви реакции, ние веднаш ќе ја повикаме фирмата која ќе биде избрана, се’ со цел да добиеме вистински резултати, дали навистина имаме право да се жалиме и да интервенираме – најави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

За викендот што претстои граѓанска иницијатива најави протест против загадувањето.

meta.mk