На 18 септември во 15:00 часот во Музичкото училиште „Словењ Градец“ – Словенија ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска. Станува збор за авторска електроакустична музика за деца, во изведба на македонските пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови.
Авторскиот електроакустичен циклус за пијано со наслов „Во светот на чудата“, инспириран од најпознатите цртани филмови на Волт Дизни и составен од 16 пиеси, премиерно ќе биде изведен во Словенија во организација на училиштето „Словењ Градец“ – Словенија и познатата пијанистка и професорка по пијано Маја Кастратовиќ, која е промотор на македонските уметници и на македонската музика во Словенија и пошироко.
Младите македонски пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови се веќе докажани на македонската пијанистичка сцена. Имаат настапувано на најреномираните фестивали за сериозна музика во државава, како и на многубројни европски подиуми.
Композиторката Ана Пандевска е авторка која се стреми да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови и да ги соедини со свои, индивидуални размисли што често се дел од овдешните, локални случувања.